Kurir
Наша должност и обврска е заветот на светите браќа Кирил и Методиј и на нивните ученици да го посведичиме и предадеме со дела на младите поколенија, кои се нашата иднина и наследство, порача епископот Ераклејски, г. Климент на свечената акдемија што се одржа во црквата Света Софија во Охрид по повод Денот на сесловенските браќа Кирил и Методиј. Говорот го пренесуваме во целост: Имам особена чест и пријатна обврска да Ве поздравам и да Ви ги пренесам благословите од Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, по повод свечениот настан „Од слово до вечност“. Блаженејшиот од благородни причини денес не е во можност да присуствува на овој празничен собор, но Неговите молитви се постојано присутни и остануваат со сите нас. Неговото Блаженство вчера во базиликата „Свети Климент“ во Рим отслужи молебен и ја принесе својата молитвена беседа за денешните славеници — светите Кирил и Методиј, со право нарекувани рамноапостолни просветители и учители. Затоа дозволете ми денес, од Негово име, да Ви посакам топло добредојде во катедралниот храм на охридските и македонски архиепископи — „Света Софија“, кој всушност претставува средиште и срцевина на нашата света Македонска Православна Црква. Токму под овие небоземни сводови на Божјата Премудрост се испишувала историјата на нашата древна Охридска Архиепископија. Низ бурни, но свештени времиња, таа успеала мајчински да ги прегрне и со еднаква духовна љубов да ги негува и подига своите духовни чеда, но и сите православни христијани, без разлика на нивната етничка припадност, политичка определба или културна традиција. Животот овде, на овие македонски простори, каде што историските околности не секогаш биле наклонети кон нас и кон нашите стремежи, ни овозможил да созрееме како опитен народ со свој јазик и култура. Народ мирен, но не и наивен, свесен за сопствената единственост, неповторливост и одговорност пред лицето на Бога и пред светот. Тоа, пак, кај нас не предизвикало себедоволност и затвореност кон другиот, ниту надменост и гордост во нашиот народен хабитус, туку, сосема спротивно, ја развило длабоката свест и емпатија за меѓусебните релации и вековни врски со сите со кои го делиме просторот и заедничкото секојдневие. Негувањето на етосот на соживот, на споделен живот, па дури и на живот принесен во полза на другиот, не е плод само на позитивните политички текови, ниту на развојот на човечката цивилизација со сиот нејзин раскрилен технолошки напредок. Етосот на заедништво, на почит и уважување кон различноста и уникатноста на секој човек и народ, непосредно и суштински е поврзан со Божјото делување во историјата, со влегувањето на Словото Божјо во времето и просторот, со Неговото спасоносно вочовечување, преку кое нам, на луѓето, ни се отвори патот за нашето вистинско ословесување. Насловот на оваа свечена средба „Од слово до вечност“ пред нас ја отвора перспективата на сеќавањето на иднината, на потенцијалот, на бескрајот, на она одандестраното. Тоа, ќе се согласите, е подеднакво важно, а понекогаш и поважно од она што е овдешно, непостојано и променливо, и што со секој изминат миг сѐ повеќе се оддалечува во пределите на заборавот. Нашите умни и искусни предци знаеле дека говорот е ништо без словесноста, дека историјата е јалова без вечноста, дека човекот е нецелосен без Бога. Затоа посакале да се ологосат — да станат дел од Божјото наследство на земјата, својот живот да го соединат со Словото Божјо и одовде литургиски да го благословуваат Царството Небесно, но не за да го ограничат географски, туку себеси да се рашират до недофатливите димензии на растот Христов. Одговорот на нивната искрена отвореност кон Божјата промисла и план пристигнал многу брзо — преку источниот сензибилитет на Константинопол, а потоа и преку западниот, секогаш практичен пристап на Рим. На тој начин, Истокот ја благословил, а Западот ја потврдил себежртвената и безрезервна рамноапостолска мисија на светите браќа Кирил и Методиј. Таа и во Охрид е посведочена преку крштението, низ кое се ословесивме, и преку азбуката, низ која се ограмотивме, не само ние, туку и мноштво братски народи со кои имаме единство во православната вера. Сето ова е дар, подеднакво како и овој храм на Премудроста Божја, кој ѝ припаѓа на нашата помесна Црква. Тоа е наследство кое го имаме како свое, но не го присвојуваме себично, туку го отвораме како крстообразна прегратка за сите луѓе, како бесценет дар чија убавина се умножува и преумножува во споделувањето и заедничарењето. Големината, целта и значењето на денешниот собир се пројавуваат во зајакнувањето на меѓусебното единство и взаемното уважување, како и во истакнувањето на сето она што нѐ зближува, не само како народ, туку и во односите со различните народи и култури. Радоста што произлегува од животот во заедница со Бога и со другиот човек за нас претставува вредносен систем. Тој е воспоставен најнапред од апостолското Павлово наследство, а потоа продолжен во Кирилометодиевата свештена традиција, која од времето на светите Климент и Наум ревносно се негува во Македонија. Наша должност и обврска е овој завет со дела да им го посведочиме и предадеме на младите поколенија, кои се нашата иднина и наследство. Така ќе можеме да ги разбереме неминливите пораки на денешната поставка на литургиски предмети и икони (организирана од НУ „Завод и Музеј“ — Охрид.) Тие во својата најдлабока смисла претставуваат прозорци кон вечноста, кон соборното постоење и кон заедницата на човекот со Бога. Нека ни е честит празникот, а светите Кирил и Методиј нека бидат постојано со нас, заедно со нивните свети ученици, та од род во род, и од генерација во генерација да се продолжува и да се сведочи нивното дело. (МИА)
Go to News Site