Kurir
Претседателот на Либан Жозеф Аун изјави денеска, по повод одбележувањето на 25 Мај – Денот на отпорот и ослободувањето, дека целосното израелско повлекување ќе остане цврсто национално барање со кое не може да има компромис. Како што истакна тој, Либан годинава ја одбележува годишнината од ослободувањето во моменти кога земјата е оптоварена со „болна реалност“. Според неговите зборови, израелските напади не се прекинати, а јужните села и понатаму страдаат под обновената окупација, што претставува флагрантно кршење на сите меѓународни резолуции, меѓу кои најважна е Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН. -Либан нема да ја прифати оваа реалност и нема да прави компромиси, а патот кон целосно израелско повлекување ќе остане цврсто национално барање на кое либанската држава работи преку опцијата за преговори. Тоа нема да биде отстапка или предавање, туку потврда на ексклузивното право на Либан да ја заштити својата земја и суверенитет и да го прошири својот авторитет преку својата војска и легитимните сили за безбедност, благодарение на солидарноста на својот народ и нивната поддршка за својата држава, изјави Аун. Претседателот додаде дека се подразбира оти војската ќе остане единствениот гарант за националната безбедност и територијалниот интегритет. Тој оцени дека оние кои го ослободија Југот со својата крв, воениот персонал и борците на отпорот, како и сите Либанци, заслужуваат силна и кохезивна држава со легитимитет на своите цивилни и воени институции. Со Денот на отпорот и ослободувањето се одбележува сеќавањето на 25 мај 2000 година, кога израелската војска официјално се повлече од јужниот дел на земјата по повеќе од две децении окупација. (МИА)
Go to News Site