Collector
Следните неколку часа критични во битката за спречување на хемиска експлозија во Оринџ Каунти | Collector
Следните неколку часа критични во битката за спречување на хемиска експлозија во Оринџ Каунти
Kurir

Следните неколку часа критични во битката за спречување на хемиска експлозија во Оринџ Каунти

Неколку дена откако беа наредени масовни евакуации во Оринџ Каунти, следните неколку часа би можеле да бидат клучни во справувањето со нестабилниот хемиски резервоар во авиовселенска компанија во Гарден Гров, кој се заканува дека ќе експлодира или ќе предизвика големо истекување. Најновиот развој на настаните се случи синоќа, кога официјални лица најавија „целоноќна мисија“ за да се утврди дали резервоарот во Гарден Гров сè уште е во опасност од експлозија, јави Лос Анџелес Тајмс. Операцијата, за која досега има малку детали, ќе биде „за да се потврди дека притисокот во резервоарот е ослободен и дека заканата од BLEVE е елиминирана“, изјави Ти-Џеј Мекговерн, привремен шеф на противпожарната служба на Оринџ Каунти, во видео објавено синоќа на социјалните мрежи. BLEVE е кратенка за „експлозија на пареа која се шири при вриење на течност“. Мекговерн во неделата го опиша тоа како „најлошото можно катастрофално сценарио“. - Сè уште не сме стигнале таму. Мораме да ја спроведеме оваа операција вечерва. Ве молиме помогнете ни. Останете надвор од зоната за евакуација. Дозволете ни да ја спроведеме нашата операција, а утре ќе ви дадеме ажурирани информации за тоа што се случило вечерва – рече тој синоќа. Локалните власти вчера соопштија дека неисправниот резервоар под притисок во Оринџ Каунти — наполнет со токсична хемикалија и во опасност од експлозија — достигнал 100 степени Фаренхајтови (околу 38 Целиозусови), што е максималното отчитување на мерачот. - Резервоарот беше на 100 степени, или барем тоа е највисоката вредност до која термометарот можеше да мери – им изјави синоќа на новинарите државниот сенатор Том Амберг. Во саботата наутро температурата беше на 90 степени, а во петокот на 77 степени, соопштија претходно официјалните лица. Целта беше да се намали температурата во внатрешноста на резервоарот на 50 степени. Нејасно е која температура би предизвикала експлозија; официјалните лица ја немаат објавено таа информација за јавноста. Претходно во текот на денот, Мекговерн рече дека пожарникарите во текот на ноќта откриле „потенцијална пукнатина во резервоарот, што потенцијално би можело да ослободи дел од притисокот во него“. - Со овие нови информации, тоа би можело да ја промени нашата траекторија и нашата стратегија за овој настан – рече Мекговерн вчера наутро. „Сè уште не сме стигнале таму, но ова беше чекор во вистинската насока“. Ли Зелдин, администратор на Агенцијата за заштита на животната средина на САД, вчера изрази оптимизам. - Утрово ми велат дека најверојатното сценарио е она со испуштање на мал волумен, каде што локалните власти ќе можат да ја следат, неутрализираат и задржат заканата – рече тој за време на неделното утринско гостување во емисијата „State of the Union“ на Си-Ен-Ен. Пред да се појават индиции дека постои потенцијална пукнатина во резервоарот, официјалните лица споменаа дека имаат утврдено одредена температура — без да ја откријат бројката — на која ќе треба да ги евакуираат итните служби и хемичарите од локацијата на резервоарот. - Исто така, имаме утврдено температура при која, кога ќе ја достигне таа точка, знаеме дека во резервоарот почнува термичко неконтролирано загревање (thermal runaway), и ќе ги повлечеме сите од областа, ќе се осигураме дека е безбедно и ќе го оставиме резервоарот да го направи тоа што ќе го направи – рече Крег Кови, шеф на дивизија во противпожарната служба на Оринџ Каунти. Индустрискиот резервоар во објектот во Гарден Гров (Garden Grove) се проценува дека содржи околу 7.000 галони (околу 26.500 литри) метил метакрилат – „силно испарлива“ и „лесно запалива“ токсична супстанција која се користи во производството на пластика. Досега се евакуирани повеќе од 50.000 луѓе. (МИА)

Go to News Site