Kajgana
Елмас: Треба да играме понапаѓачки Филип Здравески 28.05.2026 / 22:39 Фудбал Играчот на Наполи смета дека Македонија треба да игра понапаѓачки за да победува. Фото: ФФМ Откако во првите два натпревара под новиот селектор Гоце Седлоски нашата репрезентација не постигна гол (со Данска пораз 4:0 и реми 0:0 со Ирска), сега следуваат два нови натпревари, двата пријателски. утре вечер играме против Босна и Херцеговина, а свое видување даде Елиф Елмас. „Имаме нов селектор, ова е втор собир и има нови играчи. Најважно е да бидеме фокусирани на нас и на тоа што треба да го изградиме како репрезентација пред септемвриските натпревари. Нè очекуваат силни противници и мора максимално да се подготвиме“, изјави Елмас. Македонскиот репрезентативец смета дека тимот треба да игра поотворено и поофанзивно, но и да ја задржи компактноста кога е потребно. „Очекувам да играме понапаѓачки, затоа што ако не напаѓаш, не можеш да победиш. Фудбалот бара баланс, некогаш треба сите да се браниме, а некогаш сите да нападнеме. Ќе биде важно како ќе ги спроведеме задачите што ќе ги добиеме од селекторот“. Елмас се осврна и на отсуството на капитенот Енис Барди, посочувајќи дека неговото присуство секогаш има големо значење за тимот. „Енис е многу важен за нас, како капитен и како човек во соблекувалната. Ќе недостасува на овие натпревари, затоа што и кога не игра, многу им помага на сите.“ Додаде дека овие натпревари ќе бидат добра можност за новите фудбалери да се вклопат во репрезентацијата. „Секогаш позитивно ги пречекуваме новите играчи, без разлика од каде доаѓаат. Кога се игра за Македонија, сите го даваат максимумот. Наша задача е да им помогнеме побрзо да се вклопат и да создадеме добра атмосфера како што беше и претходно“, изјави Елмас. Натпреварот е со почеток во 20:30 часот на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“. Директен пренос ќе има на МРТ. Елиф Елмас Македонија фудбал Автор/Извор Филип Здравески Прикажи во метро On
Go to News Site