Kurir
Меѓународниот парламент за толеранција и мир ги надминува националните парламентарни агенди и ги обединува пратениците околу универзалните вредности, како мирот и толеранцијата. Неговата примарна цел е да ја разбуди човечката одговорност во оневозможувањето на насилството, промовирањето разбирање и одбраната на човековото достоинство, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која синоќа имаше средба со учесниците на 14-тата пленарна сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир (IPTP), којашто ќе се одржи во Собранието, под покровителство на претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши. -Во свет во којшто ѕидовите често се градат побрзо од мостовите, оваа платформа нè потсетува дека мостовите остануваат најхрабрата архитектура на политиката, нагласила таа. Претседателката, како, што соопштија од нејзиниот кабинет, истакнала дека да се биде домаќин на овој еминентен меѓународен парламентарен форум е големо признание и чест за Собранието и државата. Темата на пленарната сесија „Унапредување на толеранцијата и мирот: стратешката улога на парламентите во креирањето и донесувањето политики за иднината“, додала таа, е важен предизвик на денешницата. За претседателката, парламентарната дипломатија и интерпарламентарниот дијалог се особено важни демократски инструменти, заради директниот легитимитет на пратениците, чиј извор е народот како политичка заедница, односно збир на индивидуи - граѓани, од кои извира и на кои им припаѓа суверенитетот. Таа укажала на важноста на одржувањето на ваков настан во време на криза на делиберативната демократија, силно нарушена рамнотежа на власта во корист на егзекутивата, растечки меѓународни конфликти и бледи мировни иницијативи. На учесниците им посакала жива, отворена, плодна и мудра дебата, каква што заслужуваат оние кои ги претставуваат – граѓаните. -Нека овој собир испрати јасна порака од Скопје: дека толеранцијата не е пасивност, мирот не е молк, а парламентарната дипломатија не е протокол.Толеранцијата е активно почитување. Мирот е секојдневна работа. Парламентарната дипломатија е демократија што зборува преку границите - порачала претседателката. На пленарната сесија учествувале високи парламентарни претставници, сенатори и пратеници од повеќе држави, како и претставници на меѓународни парламентарни организации.
Go to News Site