Kurir
Кога политичарот нема морален компас тој повеќе не може веродостојно да ја брани вистината или правдата, бидејќи неговите постапки се водени од личен интерес, а не од етички принципи. Сигурно дека лидерот на СДС како предводник на некаков си „Фронт за вистина и правда“ никогаш не чул дека пресекот на вистината и правдата со политиката честопати создава класична дилема на „валкани раце“, каде што политичките лидери мора да ја одмерат моралната чистота наспроти јавната неопходност. Оваа тензија покренува длабоки етички и структурни прашања за тоа дали целта ги оправдува средствата. Се прашувам дали лидерот на СДС има таков интегритет што е во хармонија со стандардот на непристрасен морал, поврзан со политичката функција да раководи со Фронтот? Зашто се претпоставува дека политичката функција подразбира практикување на непристрасен морал – да се третираат сите подеднакво и да се зборува вистината – што ја ограничува нивната способност да дејствуваат според нивните етички обврски. Лидерот на Фронтот за вистина и правда е производ на политичката култура на лагата и лицемерието што го опкружува во партијата. Тој не ја измисли корупцијата, поделбата или обожавањето на моќта, но, тој ја совлада уметноста да ги претвори во политичко гориво. Тој ја нормализираше идејата дека лојалноста кон еден човек е поважна од лојалноста кон партијата, правдата или вистината. Тој е сликата за распаѓање на партијата и заедничките цели што се уште ја држеа, како така компкатна сиве години во политиката. Тој им припаѓа на оние што можат да манипулираат со вистината, правдата, стравот, гневот и идентитетот за моќ. Оддамна стана имун на чинот на лажење, кога тоа го прави толку добро и толку често. Затоа велат дека вакви политичари немаат морален авторитет да зборуваат за правда и вистина. Како може политичар да не чувствува дека е оценет како морално несоодветен да ја извршува својата институционално доделена улога во демократскиот процес, ако ја игнорира вистината и правдата што ја погази неговата партија? Како може да успеете во политиката ако сте ја отфрлие вистината и правдата во име на суровата моќ? Да го парафразирам Цицерон: демократијата умира одвнатре кога лидерите ја напуштаат доблеста и го заменуваат општото добро со алчност, амбиција и лична добивка. Тоа е сликата на партијата што ја води и хибридните тела што ги формира, надевајќи се дека ќе импресионира некого. Тој некого ни Диоген не може веќе да го пронајде. Политичкото водство во демократијата е инхерентно поврзано со етичкото однесување и општествените вредности. Без морални принципи како што се почит, дисциплина и праведност, политичките личности не можат да постигнат трајно значење или доверба од народот. Лидерот на Фронтот го одразува моралниот распад зад падот на неговата партија. Моралната дезинтеграција на политичка партија се случува кога таа преминува од средство за јавна служба во механизам за самоодржување и моќ. Тоа се случува кога моралот во политиката е луксуз, при што опстанокот и ефикасноста ги надминуваат етичките прашања. Се лаже лидерот на Фронтот ако мисли дека јавното мислење може и понатаму да се управува преку лаги или манипулација, и дека моралот, иако корисен, не е неопходен за одржување на моќта, а избирачите се спремни и понатаму да толерираат неморално однесување во политиката. За политичките личности од калибарот на лидерот на Фронтот за „лаги и неправда“ да бидат навистина значајни и почитувани тие мора да покажат морален интегритет, почитување на законите и праведност во своите постапки. Кога го немаш тоа ти си само политички архитект на моментот на политичка кула од карти; и се што е поврзано со партијата е негово огледало. Лидер кој вистината ја третира како непријатност, а правдата како опционална, штетата ја шири како канцер низ неговата партија. Нормално, на крајот партијата нема да биде уништена само од корумпиран и неморален лидер, туку од обичните членови, негови следбеници кои го овозможуваат и подржуваат неговото лидерство. Се прашувам: уште колку долго партиска лојалност ќе ги надвладува моралните проценки на лидерот? И, знаете, стегнатата тупанца како симбол на Фронтот на „лаги и неправда“ е лицемерниот политичкиот двоен стандард на перформативна моќ, или бунт што е спротивставен на реалните дејствија, политики или системски статус на лидерот. Таа го истакнува растечкиот јаз помеѓу револуционерната, антиестаблишмент реторика што лидерот се обидува да ја проектира пред јавноста и реалноста на вкоренетите туѓи интереси на кои им служи. Доста ни е од празна симболика која продолжува да служи како перформативна естетика за лидерот на Фронтот, а не како вистински показател за системски промени кои лицемерно ги заговара. Не можеш да владееш нечесно, егоцентрично и неморално, предизвикувајќи намерна ерозија на институциите и пресметаното демонтирање на уставните заштитни механизми дизајнирани да ја ограничат моќта и да ја заштитат слободата, а притоа лицемерно да е задскриваш зад симболи на сила, пркос или единство. Лицемерието, тогаш, сугерира јаз помеѓу добрите квалитети како што се доблеста, храброста или великодушноста и соодветните пороци – корупција, кукавичлук, алчност – кои ги прикрива сјајна површина. Се чини дека поимот лицемерие со лидерот на СДС затвора круг, враќајќи се на своите театарски конотации, каде што лицемер е некој што едноставно игра улога – a сцената е неговата партија и „Фронтот за лаги и неправда“. Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес
Go to News Site