Kurir
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека разговорите со Исламската Република Иран продолжуваат со забрзано темпо. Тој ова го објави на социјалната мрежа Трут Суошл (Truth Social) веднаш откако го потврди постигнувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах. Трамп соопшти дека имал продуктивни разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со претставници на Хезболах, во кои е постигнат договор за прекин на огнот и откажување на испраќањето израелски трупи во либанскиот главен град Бејрут. „Имав многу продуктивен телефонски разговор со премиерот на Израел Биби Нетанјаху. Трупите нема да одат во Бејрут, а сите трупи кои беа на пат веќе се вратени. Исто така, преку високо позиционирани претставници, имав многу добар разговор со Хезболах. Тие се согласија дека секое пукање ќе престане – дека Израел нема да ги нападне, како и дека тие нема да го нападнат Израел“, наведе Трамп во соопштението на социјалната мрежа. Израелскиот премиер Нетанјаху денеска издаде заедничко соопштение со министерот за одбрана Израел Кац, во кое се закани со бомбардирање на цели на Хезболах во округот Дахије во Бејрут „откако шиитската милиција го повтори кршењето на примирјето“. Според наводите на иранските државни медиуми, Техеран денеска ги суспендираше преговорите со САД во знак на протест поради ширењето на израелската воена офанзива во Либан. „Иранскиот преговарачки тим ќе ги суспендира преговорите и размената на текстови преку посредници“, пренесе агенцијата Тасним. Агенцијата претходно објави дека Техеран би можел да го разгледа целосното затворање на Ормуската Теснина, клучна поморска рута низ која пред војната поминуваше една петтина од светските резерви на нафта, како и блокирање на други поморски патишта, вклучувајќи го и Протокот Баб ел-Мандеб, за да ги казни Израел и неговите сојузници. Иако е во сила примирје, Израел ја продолжи воената офанзива во Либан, а неговите сили во текот на викендот влегоа подлабоко во земјата отколку во последните 26 години. Некои израелски медиуми претходно пренесоа дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговарал денеска телефонски со претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, без да наведат детали за разговорот. (МИА)
Go to News Site