Kajgana
Фудбалерите надиграни и поразени со 4:0 од силната Турција Филип Здравески 01.06.2026 / 21:30 Фудбал Македонија лошо ја отвори пријателската против Турција во Истанбул примајќи гол во втората минута, на пауза се замина со 2:0. Селекторот Гоце Седлоски направи неколку измени во почетните единаесет во однос на претходниот меч во Сараево во петокот. Столе Димитриевски почна на голот, во одбраната Ѓоко зајков, Дарко Велковсјки и Имран Фетаи, по латералните позиции Стефан Деспотовски и Езѓан Алиоски, во средината Агол Елези и Јани Атанасов, Елиф Елмас како треквартиста, а во нападот Бојан Миовски и Азер Омерагиќ. Натпреварот се игра на „Шукру Сарачолу“ стадионот на Фенербахче, кој поради спонзорство моментално се вика „Чобани“, по американската компанија Chobani, специјализирана за производство на јогурги. Македонија тргна од центарот, но нашите одиграа катастрофално што Турците веќе во 10-тата секунда имаа колосална шанса и преку Џан Узун ја погодија пречката. Тоа беше само најава бидејќи домашната офанзива продолжи и веќе во 2. минута резултатот беше отворен. Оуз Ајдн од десно го пронајде Оркун Ќокчу во шестнаесетникот, а овој од прва пласираше совладувајќи го Димитриевски. Македонија првата закана ја имаше во 15-тата минута кога Атанасов биеше од 18-ина метри, а Алтај Бај'нд'р одбрани. Меѓутоа, само минута подоцна Турците го дуплираа водството кога Џан Узун биеше по земја крај поблиската статива, а Димитриевски не успеа да одбрани. Нашите фудбалери се обидоа во неколку наврати да организираат напад, но не успеаја, за разлика од Турците кои продолжија да се закануваат, но за среќа без завршница. Пред паузата Алиоски имаше колосална шанса кога Миовски од десно го проигра на втора статива, Џани беше заборавен од домашната одбрана, но сам пред голманот наместо да шутира почека да го покријат, се ослободи па шутна, но Бај'нд'р одбрани. На полувреме Седлоски направи дури 6 измени, притоа менувајќи ја целата одбрана од тројца стопери. Излегоа Зајков, Велковски, Фетаи, Деспотовски, Атанасов и Миовски, а во игра влегоа Никола Серафимов, Јован Манев, Висар Муслиу, Дарко Чурлинов, Сефер Емини и Милан Ристовски. Турците направија три измени, како и една принудна во првиот дел. Турција вториот дел го почна како и првиот, со закана. Во 48. минута Ајдн биеше под пречката, Димитриевски исфрли во корнер. Пет минути подоцна стигна третиот гол во македонската мрежа. Узун одлично нафрли во шестнаесетникот, таму Дениз Ѓул ѝ избега на одбраната и со глава го матираше Димитриевски кој немаше никаква шанса да интервенира. Во 65-тата минута за малку ќе беше 4:0. Нововлезениот Арда Ѓулер нафрли во казнениот простор, таму на втора статива Мерих Демирал промаши нешто што беше потешко да се промаши. Следуваа четири нови замени на Седлоски. Играта ја напуштија Димитриевски, Алиоски, Елези и Омерагиќ, а влегоа дебитантите Давор Талески и Дарко Додев, како и Бобан Николов и Сабахудин Аломеровиќ. Четвртиот гол сепак стигна во 70-тата минута. Ѓулер со пета го проигра Кахвеџи, овој од десно лесно во шестнаесетникот му сервираше на Јлмаз кој заби в гол. До крајот имаше уште по некоја закана на Турците, а дебитантот Талески на двапати интервенираше. И во четвртиот меч под водство на новиот селектор Седлоски македонската репрезентација не успеа да постигне гол и досега има два пораза и две ремија. Македонија фудбал Турција фудбал Автор/Извор Филип Здравески (од Истанбул) Прикажи во метро On
Go to News Site