Kajgana
Промоција на книгата „Краток вовед во толкувањето“ од д-р Наталија Орлиќ Александра Спасеска 02.06.2026 / 11:01 Култура Книгата „Краток вовед во толкувањето“ од д-р Наталија Орлиќ во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана на 4.6.2026 г. со почеток во 12ч. во Библиотеката за македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Разговорот со авторката за книгата ќе го води уредничката Драгана Евтимова, дизајнот на корицата го изработи Мите Спасовски, а книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Првото издание на книгата „Краток вовед во толкувањето“ излегува во Љубљана, 2024 год. со поднаслов „Прирачник за практична работа“ во издание на Филозофскиот факултет во Љубљана. Во 2025 година книгата се издава во Подгорица, Црна Гора и во 2026 година излегува како проширано издание на македонски јазик, во кое за првпат пред идните и сегашните преведувачи односно толкувачи имаме практичен прирачник за толкување. Преведувањето подразбира пренос на пишан текст од еден јазик на друг, додека толкувањето претставува пренос на говорен израз од еден јазик во друг. Толкувањето се одвива речиси истовремено со говорот во текот на самата комуникациска ситуација, па на шега, некои дури велат дека толкувањето е вториот најстар занает на светот. Меѓу главните техники на толкување во рамките на толкувањето за заедницата Наталија Орлиќ пишува за консекутивно и симултано толкување, толкување со шепот (шушутажа), толкување на увид, придружно толкување, толкување на далечина и толкување за деца. Наталија Орлиќ прецизно освен што прави поделба на толкувањето, детално ги анализира сите техники и фази на толкување, како и карактеристиките на толкувањето за заедницата, воведува преведувачки пристапи како новитети во преведувачето на светски рамки, одделно се занимава за толкувањето за деца и толкување за групи, а на крајот од книгата нуди корисни совети во корист на преведувачот односно како самите да си помогнеме при преведувањето, професионалноста на личноста што работи како толкувач, но и за настанот на толкување. Го поставува прашањето: Каков треба да биде пристапот на преведувачот/ толкувачот од културолошки аспект? Во современ контекст, го отвора прашањето што значи да се биде „двојазичен“ преведувач т.е. двокултурен“ преведувач, односно цитирам: „толкувачот е интеркултурен посредник меѓу јазиците што ги преведува т.е. толкува“. Како што самата вели: „квалитетното толкување не подразбира само прецизен превод на зборовите, туку и длабоко разбирање на контекстот, човекот и ситуацијата, бидејќи токму од точноста и начинот на пренесување на пораката често зависат правата, разбирањето и довербата меѓу луѓето и институциите“. Книгата „Краток вовед во толкувањето“ е дополнителна литература на Филозофскиот факултет во Љубљана. Д-р Наталија Јовановиќ Орлиќ е родена во Скопје и уште од најраното детство, растејќи во повеќејазична средина, покажува исклучителна љубов кон јазиците и комуникацијата, а својата природна дарба ја развива активно говорејќи повеќе јазици уште од најмала возраст. Наталија Орлиќ е дипломиран филолог по македонски јазик со српскохрватски јазик на Катедрата за македонски јазик при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а паралелно студира и словенечки јазик на Универзитетот во Љубљана. На Филозофскиот факултет во Љубљана докторира на тема „Функционалност на меѓујазичкото посредување од подрачјето на меѓународната заштита и миграциите“. Нејзиниот докторски труд претставува пионерско дело во оваа област во Словенија и прво емпириско истражување, кое систематски ја разгледува функционалноста на преводите и толкувањата во контекст на меѓујазичкото посредување. Со тоа отвора нови научни перспективи, прашања и предизвици за понатамошни истражувања во областа на толкувањето, миграциите и меѓукултурната комуникација. Уште од студентските денови активно работи како преведувач и толкувач. Денес дејствува како конференциски толкувач, судски толкувач и толкувач за заедницата, со особен фокус на толкувањата за истражните и полициските органи - област со која активно се занимава и академски и како лектор по толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Марибор. Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On
Go to News Site