Kajgana
Бесплатни часови по пливање во новиот базен во Карпош за деца од прво до трето одделение Александра Спасеска 02.06.2026 / 15:40 Македонија Базенот е широк девет метри, долг е 25 метри, а длабочината му е од 0,8 до 1,2 метри Заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, на денешното свечено отворање на новиот базен во Карпош, најави дека Општината ќе обезбеди бесплатни часови по пливање за сите деца од прво до трето одделение. Влезот на базенот за учениците од Карпош ќе биде, исто така, бесплатен. „Го преземаме како Општина Карпош овој, слободно кажано, маркантен базен за Општината кој ќе го користат најмладите. Со оглед на тоа што, согласно димензиите, тој е наменет токму за најмладите, Општина Карпош во наредниот период, заедно со основните училишта, ќе обезбеди децата од прво до трето одделение да имаат бесплатни часови по пливање. Во наредните неколку години нашата цел е сите дечиња до деветгодишна возраст во Карпош да знаат да пливаат“, рече заменик- градоначалникот Крстевски. Базенот е широк девет метри, долг е 25 метри, а длабочината му е од 0,80 до 1,2 метри. За неговата изградба Министерството за спорт потроши околу 760 илјади евра. Во новиот базен, покрај заменик-градоначалникот се прошетаа и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски. Премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по свеченото пуштање во употреба на базенот, не одговори конкретно на прашањето колку време градоначалникот Сотир Лукровски, кој не доаѓа во Општината повеќе од еден месец, ќе биде на боледување. Мицкоски уште еднаш кажа дека боледувањето на Лукровски е личен момент и тој не сака да го коментира, но ги осуди, како што рече, „политичките глодачи“ кои на туѓа мака се обидуваат да добијат поени. Автор/Извор МАКФАКС Прикажи во метро Off
Go to News Site