Collector
Поддршка за меѓувладин договор со Франција како стратешка можност за нови инвестиции | Collector
Поддршка за меѓувладин договор со Франција како стратешка можност за нови  инвестиции
Kurir

Поддршка за меѓувладин договор со Франција како стратешка можност за нови инвестиции

Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика оствари средба со претставници од Француската бизнис-конфедерација – МЕДЕФ. Во фокус на средбата беа транспортната инфраструктура (железници и патишта); енергетиката и обновливите извори на енергија; водата, животната средина и третманот со отпадот и отпадните води. Претседателот на Комисијата, Бојан Стојаноски, изрази особено задоволство што почитуваните гости доаѓаат од Франција како една од водечките економии во рамките на ЕУ, која како заеднички пазар претставува најголем трговски партнер на нашата земја. Стојаноски информира за двата капитални енергетски проекта кои имаат особено значење на среден и долг рок – изградбата на хидроелектраната „Чебрен“ на Црна Река и проектот „Вардарска Долина“, кој предвидува изградба на 12 хидроелектрани долж Реката Вардар. Нивната реализација би придонела за трансформација на енергетскиот сектор и забрзување на процесот на зелена транзиција. Францускиот амбасадор во земјава, Кристоф ле Риголе, ја нагласи заинтересираноста на француските компании кои се меѓу светските лидери во своите области, за учество во долгорочни инфраструктурни и енергетски проекти во државата, притоа истакнувајќи ја важноста од институционална поддршка за нивна реализација. Претседателот на Деловниот совет, Кристоф Пети, го потенцираше значењето на потпишувањето меѓувладин повеќесекторски договор со Франција, кој би овозможил поефикасна реализација на проекти преку поедноставување на процедурите и ангажирање технички и оперативно подготвени компании. Тој посочи дека ваквите проекти би создале можности за вклучување и стручно оспособување на млади кадри од земјата. Претставниците на француските компании ги презентираа своите решенија во повеќе области, меѓу кои физички и дигитален идентитет, складирање енергија од обновливи извори, изградба и финансирање здравствени установи, транспорт и железничка инфраструктура, како и проекти за заштита на животната средина и санација на загадени подрачја. Членовите на Комисијата изнесоа свои мислења и идеи за унапредување на соработката со францускиот бизнис-сектор, вклучително и поголема промоција на француските компании во земјава, развој на дата-центри и нови можности за партнерство во туризмот, екологијата и образованието. На средбата беше истакната заедничката оценка дека потпишувањето на меѓувладин договор би било од стратешко значење за државата, овозможувајќи привлекување свеж капитал, трансфер на знаење и влез на реномирани меѓународни компании на македонскиот пазар. Воедно, беше изразено задоволство од широката поддршка во законодавниот дом за ваков тип соработка, заснована врз европски стандарди и најдобри практики.

Go to News Site