Kurir
Во периодот кога Европа е во потрага по својот идентитет, по очигледниот пад на неолибералниот систем на вредности, се отвори и Пандорината кутија – создавање нови држави со придавката „големи“. И тоа не е само „балкански синдром“. На голема врата во Македонија се враќаат и сеништата од минатото со нагласка за решавање национални прашања од 19 век. По Грција (Преспански договор) и Бугарија (Договор за пријателство, сосе протоколите), овој пат заканата по македонската држава (по 2001 година) ја донесе Зијадин Села со неговата преименувана партија Алијанса на Албанците во Албанска лига – едно историско име. Во тоа име се содржат не само политичка платформа и идеологија туку и сериозна кауза што оди и подалеку од сегашните граници на Македонија. Од осамостојувањето на Македонија во 1991 година во земјава се формирани стотици партии, но само две се фундирани на национални каузи – ВМРО-ДПМНЕ (поборници за суверена и обединета Македонија, што е македонската кауза), и ДПА на Арбен Џафери, партија што ги прокламираше идеите на Призренската лига, која практично е кауза на старата Албанска лига (албанска кауза). Ќе остане запаметена неговата изјава: „Успеавме да ја албанизираме Македонија“. И македонската и албанската лига се формирани во ист период – 1878 година – периодот на Руско-османлиската војна и поделбата на воениот плен – најмногу за парчосувањето на Македонија. ИСТОРИСКИ КОНТЕКСТ Албанската лига, прва албанска националистичка организација, е формирана во Призрен на 1 јули 1878 година. Првично е поддржана од отоманските Турци. Нејзиното формирање е со цел да се обиде да влијае на Берлинскиот конгрес, кој формулирал мировен договор по Руско-турската војна од 1877–78 година и кој се заканувал со поделба на Албанија (тогаш дел од Отоманската Империја) и префрлање на некои од нејзините области на Црна Гора, Србија и Грција. Заштитата на албанското население е една од главните цели. Со текот на времето, лигата се трансфомира во кауза за обединување на сите албански територии, која и ден-денес не е напуштена. Тоа националистичко движење од крајот на 19 век е транспортирано и во 21 век. Дали и колку ќе биде успешен доктор Села да го деривира албанскиот национализам од 19 век во 21 век останува да видиме. Македонската лига, позната и како Македонска лига – Пирин Планина, била националноослободителна организација формирана од македонската емиграција во денешна Бугарија. Основана е кон крајот на 1878 и почетокот на 1879 година, како реакција на одлуките на Берлинскиот конгрес и задушувањето на Кресненското востание. Главни карактеристики на лигата биле ослободување на Македонија од Отоманската Империја и создавање независна македонска држава. Значајни македонски дејци во рамките на лигата, која имала интерконтинентален карактер (САД и Канада), биле Георги Георгов, Анастас Коцарев, Спиро Топурковски. Лигата имала свој устав, кој предвидувал формирање привремена влада, своја војска на чело со војводи, а била помагана од многубројна македонска емиграција, особено во Европа, пред сѐ Франција и Швајцарија. Денес наследничката на каузата на ВМРО, или на Македонската лига за самостојна и обединета Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, смета дека вековниот сон на Македонците за самостојна држава е остварен. Но тоа не е целосната македонска кауза, по што може да се заклучи дека сегашната партија на власт отстапила од каузата од 19 век и 20 век. Кај албанските партии, пред сѐ сегашната на Села, како и на ДУИ не се откажуваат од таа кауза, а нивниот партиски декор честопати го покажува тоа. Па дури нема ни општа осуда за постоењето на навивачката група „Балисти“, кои се идентификуваат и ја величаат каузата на балистите за време и по Втората светска војна како приврзаници на фашизмот. СЕЛА: НЕМА ДА СЕДИМЕ СО СКРСТЕНИ РАЦЕ На Петтиот партиски конгрес, крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села официјално го промени своето име во Албанска лига. Прогласувајќи го почетокот на новата политичка ера, Села порача: „Албанската лига нема да седи со скрстени раце на овие тенденции за напаѓање на нашите права, напротив, ќе одговориме со напад. Бадентер во Уставниот суд, секој закон што ќе се изгласа со Бадентер во парламентот ќе се одлучува и во Уставниот суд. Само во оваа форма ќе имаме гаранција дека законите за кои, за жал, треба години за да се донесат, нема да ни ги соборат со една одлука во Уставниот суд. Уште поголем напредок на Бадентеровиот принцип во платформата на албанското движење со дводомен парламент. Драги браќа и сестри, нè очекува работа, драги активисти, денеска почнува сè. Денес започнува сoздавањетo ограноци, нивно зајакнување, стабилизација, создавање на сите движечки структури на таков начин што Албанската лига ќе стане силна, ние продолжуваме со нашите обврски, со високо кренати глави и отворени пред Албанците“. Јасно е дека Села алудира на Законот за јазиците, при што тој најавува напад, напад врз институциите на системот. Иако никој не знае каква одлука ќе донесе Уставниот суд, на Села тоа не му е важно, но притоа тој како политички лидер оди преку одговорноста да ја зборува вистината. Конкретно во моментов постои Закон за јазиците што е над уставните рамки, но постои и владина одлука што оди исто така и над законот и над Уставот. Дали на овој начин повторно се наметнува логиката на силата? Може ли владина одлука да биде посилна од закон, па дури и од устав?! Во врска со зачестените барања за воведување Бадентеров принцип (двојно мнозинство) на гласање и во Уставниот суд, во интервју за „Нова Македонија“, претседателот на судот, Дарко Костадиновски, беше категоричен: „Ако јас се прашувам, тоа би било погрешна одлука, одлучувањето по Бадентер е алатка за политички органи како Собранието, а не за Уставниот суд или на пример Судскиот совет. Во Уставниот суд одлуките ги обликуваат правните, а не политичките или етничките аргументи и тука треба да се заврши со ова прашање. Се надевам на разум, зрелост и паметни, а не избрзани одлуки“, анализира Христо Ивановски за НОВА МАКЕДОНИЈА . Според наши кредибилни извори, работите околу јазикот, но и за други етнички прашања, се отидени предалеку, па затоа е и легитимно да се постави прашањето дали со Охридскиот договор се решија етничките прашања. На наша забелешка дека Законот за јазиците можеби треба да се врати на тој од 2008 година, ни беше одговорено:„Дали тоа нема да значи и ново крвопролевање“?! Во овој контекст на резимирање, се наметнува и прашањето – дали протестот на Албанците од регионот одржан во Скопје за барањето правосудниот испит да се полага на албански јазик не е токму најава за едно такво крваво сценарио. Црните дупки на Европа Во црните дупки на Европа, за жал, спаѓа и Македонија. Таа со децении е во чекалницата на Европската Унија. За Македонија се наметнаа посебни услови за почнување преговори за членство, но во текот на преговарачкиот процес можат да се случат изненадување. Можно е на пример прашањето за двојниот парламент, кој сега го заговара и Села, да влезе во преговарачката рамка, но можно е да се појави и некое неочекувано барање, во „духот на албанската лига“, за отстапки на територии кон Албанија. Таков случај може да биде со комплексот „Свети Наум“, кој како прашање стои во некои албански тефтери. На ваквите барање им оди во прилог и крајно нејасната состојба во Европа, особено во ЕУ во однос на другите земји кандидати. Пред сѐ кон Украина, кој се покажува дека станува голем извор на нестабилност. Што ако таа влезе на брза лента во ЕУ, а Балканот остане во мрак? Што ако и Молдавија влезе пред нас? Иако Молдавија сега игра на една опасна карта: ако не влеземе во ЕУ, ќе се споиме со Романија. Дали вакви гласови слушаме и во Македонија од устите на албанските лидери? Секако да, да не спиеме на двете уши. Х.И.
Go to News Site