Kurir
Договорот за стратешка соработка со пријателска Хрватска претставува значаен исчекор во билатералните односи и потврда на заемната доверба, блискост и заедничка визија за иднината на двете земји. Станува збор за партнерство што ги опфаќа клучните области на енергетиката, економијата, безбедноста, инфраструктурното поврзување и евроинтеграциите. За нас, особено е значајна континуираната и принципиелна хрватска поддршка на нашиот европски пат, што беше дополнително потврдено и при средбите во Охрид - вели во интервју за МИА македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски. Со амбасадорот Ѓурчевски разговаравме за неодамнешната посета на хрватскиот премиер Андреј Пленовиќ на земјата во рамките на која тој и премиерот Христијан Мицкоски потпишаа договор за стратешка соработка помеѓу двете земји, а исто така беше потпишан и договор за соработка меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија. Ѓурчевски нагласува дека договорот создава цврста основа за уште потесна институционална, економска и експертска соработка помеѓу двете држави и очекува стратешкото партнерство во наредниот период да се преточи во конкретни резултати, кои ќе придонесат за зголемена трговска размена, нови инвестиции, заеднички енергетски и инфраструктурни проекти, како и продлабочена соработка во рамките на европските политики и регионалната безбедност. Во интервјуто разговаравме за поддршката на Хрватска во процесот на евроинтеграцијата, за пораката на Пленковиќ дека во ЕУ „не може да има кратенки за едни, а бавност за други“, за ризикот Западен Балкан да остане во втор план во однос на Украина... Ѓурчевски вели дека поддршката за Украина и политиката на проширување кон Западен Балкан треба да се гледаат како комплементарни, а не конкурентни процеси, со цел зачувување на кохерентноста и кредибилитетот на европската интеграција. Македонскиот амбасадор истакна дека Пленковиќ испратил важна порака во насока на зачувување на кредибилитетот, предвидливоста и еднаквиот третман на сите земји кандидати. Во таа смисла, додава тој, секој пристап што би создавал поинаква динамика или неурамнотеженост во процесот природно отвора прашања за неговата доследност и одржливост. - Нашиот став е јасен и конзистентен - европската интеграција мора да се темели на заслуги, реални реформи и исполнување на утврдените критериуми, без дополнителни политички условувања, кои би можеле да ја нарушат предвидливоста на процесот - потенцира Ѓурчевски. Во интервјуто говори и за тоа колку е разбрана македонската позиција дека има повеќе простор за идентитетски отстапки од страна на Загреб, но и во самата ЕУ, како и за животот на Македонците во Хрватска. Во продолжение следува целото интервју со македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски: Хрватска и Македонија стануваат стратешки партнери. Премиерите на двете земји неодамна во Охрид потпишаа договор со кој се предвидува засилена соработка во полето на енергетиката, економијата, безбедност и евроинтеграциите. Какво значење има овој договор и какви конкретни резултати очекувате од него во наредниот период? Договорот за стратешка соработка со пријателска Хрватска претставува значаен исчекор во билатералните односи и потврда на заемната доверба, блискост и заедничка визија за иднината на двете земји. Станува збор за партнерство што ги опфаќа клучните области на енергетиката, економијата, безбедноста, инфраструктурното поврзување и евроинтеграциите. За нас, особено е значајна континуираната и принципиелна хрватска поддршка на нашиот европски пат, што беше дополнително потврдено и при средбите во Охрид. Истовремено, договорот создава цврста основа за уште потесна институционална, економска и експертска соработка помеѓу двете држави. Очекуваме ова стратешко партнерство во наредниот период да се преточи во конкретни резултати, кои ќе придонесат за зголемена трговска размена, нови инвестиции, заеднички енергетски и инфраструктурни проекти, како и продлабочена соработка во рамките на европските политики и регионалната безбедност. Премиерите Мицкоски и Пленковиќ најавија продлабочување на економската соработка, особено во енергетиката, транспортот и инфраструктурата. Дали очекувате нов бран хрватски инвестиции во Македонија и кои сектори се најатрактивни за хрватските инвеститори? Очекувам договорот за стратешка соработка да даде нов импулс на економската соработка и да поттикне поголем интерес на хрватските компании за инвестирање во нашата држава. Посебен потенцијал постои во енергетиката, транспортната и во инфраструктурната поврзаност, како и во дигиталната трансформација и обновливите извори на енергија. Нашата земја нуди стабилна и конкурентна бизнис-клима и претставува добра платформа за пристап до регионалните пазари. Убеден сум дека во наредниот период, врз основа на одличните политички односи и новото стратешко партнерство, ќе видиме нови инвестиции, заеднички проекти и натамошно зголемување на меѓусебната трговска размена. На средбите во Охрид беше отворено и прашањето за енергетската безбедност и регионалните интерконекции. Колку соработката меѓу Македонија и Хрватска може да придонесе за поголема енергетска стабилност на регионот? Енергетската безбедност е едно од клучните прашања за иднината на нашиот регион, а токму затоа соработката со Република Хрватска има особено значење. Стратешкото партнерство отвора нови можности за енергетска диверзификација, инфраструктурно поврзување и координација во рамките на европските енергетски политики. Хрватска со своето искуство и развиени енергетски капацитети претставува важен партнер во зајакнувањето на енергетската сигурност на регионот. Очекувам оваа соработка да придонесе за поголема стабилност, отпорност и предвидливост во снабдувањето со енергенти, што е од заеднички интерес не само за двете земји туку и за поширокиот регион на Југоисточна Европа. Хрватска е еден од најсилните поддржувачи на македонските евроинтеграции. Каква конкретна помош може Македонија да очекува од Загреб во процесот на отворање и затворање на преговарачките поглавја? Република Хрватска е еден од најгласните и најконзистентни поддржувачи на нашата европска перспектива. Таа ќе продолжи активно да ги поддржува процесот на проширување и европската интеграција на нашата земја споделувајќи го сопственото искуство од преговарачкиот процес со Европската Унија. За нас, особено е значајна хрватската експертска, техничка и институционална поддршка во спроведувањето на реформите и усогласувањето со европското законодавство. Очекувам соработката дополнително да се продлабочува преку размена на искуства, обуки и партнерства меѓу институциите, со цел поефикасно напредување во пристапниот процес кон Европската Унија. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека не може да има „кратенки за едни, а бавност за други“ во процесот на проширување на ЕУ. Како го толкувате предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и дали постои ризик Западен Балкан да остане во втор план во однос на Украина? Изјавата дека „не може да има кратенки за едни, а бавност за други“ во процесот на проширување на Европската Унија претставува важна порака во насока на зачувување на кредибилитетот, предвидливоста и еднаквиот третман на сите земји кандидати. Во таа смисла, секој пристап што би создавал поинаква динамика или неурамнотеженост во процесот природно отвора прашања за неговата доследност и одржливост. Нашиот став е јасен и конзистентен - европската интеграција мора да се темели на заслуги, реални реформи и исполнување на утврдените критериуми, без дополнителни политички условувања, кои би можеле да ја нарушат предвидливоста на процесот. Во однос на поширокиот регионален контекст, јасно е дека Западен Балкан не смее да остане во втор план. Стабилноста и европската перспектива на регионот се суштински дел од вкупната безбедносна и политичка архитектура на Европската Унија. Во таа насока, поддршката за Украина и политиката на проширување кон Западен Балкан треба да се гледаат како комплементарни, а не конкурентни процеси, со цел зачувување на кохерентноста и кредибилитетот на европската интеграција. Македонската Влада нагласува дека ќе продолжи со реформите и со исполнување на европската агенда, но истовремено порача дека нема повеќе простор за идентитетски отстапки. Колку ваквата позиција е разбрана и поддржана во Хрватска и во рамките на Европската Унија? Позицијата дека државата ќе продолжи со реформите и исполнувањето на европската агенда, но без дополнителни идентитетски условувања, е во рамките на конзистентен и јасно артикулиран пристап, кој се темели на принципот на фер и предвидлив процес на европска интеграција, заснован на критериуми и на Копенхашките стандарди. Овој став е во голема мера разбран и препознаен и во Хрватска, која останува силен поддржувач на политиката на проширување и на кредибилен пристап, кој се базира на заслуги, еднаков третман и почитување на интегритетот на процесот. Во рамките на Европската Унија, ваквите пораки се дел од пошироката дебата за зачувување на довербата во процесот на проширување и неговата доследност. Во тој контекст, реформската посветеност на земјата и инсистирањето на предвидлив и принципиелен процес се гледаат како комплементарни елементи на заедничката цел за унапредување на европската перспектива и зачувување на кредибилитетот на проширувањето. Како живеат Македонците во Хрватска? Македонците во Република Хрватска претставуваат добро интегрирана и активна заедница, која значајно придонесува за културниот плурализам и зајакнувањето на пријателските односи меѓу двете држави. Заедницата ужива поддршка од централните и локалните власти во Хрватска и е препознаена како важен дел од мултикултурното општество, што е во согласност со принципите на инклузивност и почитување на националните малцинства. Во секојдневниот живот Македонците се организирани преку многубројни културни, образовни и општествени активности, при што посебно место има МПЦО „Св. Злата Мегленска“ во Загреб, која претставува духовно и културно собиралиште на заедницата и е симбол на зачувување на идентитетот. Дополнително, неодамна поставената биста на Блаже Конески во паркот „Бундек“ во Загреб претставува значаен културен чин на почит кон македонскиот јазик и литература и трајна врска со националното наследство. Особено значаен сегмент е и образованието, каде што учениците изучуваат македонски јазик во согласност со моделот Ц, што овозможува систематско изучување и зачувување на јазикот кај помладите генерации. Овие активности, заедно со континуираната поддршка од институциите, ја прават македонската заедница видлива, активна и успешно интегрирана, а воедно и цврсто поврзана со својот културен и национален идентитет. ац/паг/ Фото: Фросина Насковиќ
Go to News Site