Kajgana
Левица: Се крчка новата дозвола за УСЈЕ, административни лавиринти за граѓаните, толеранција за корпорацијата Филип Здравески 05.06.2026 / 12:52 Македонија Продолжувањето на А-интегрираната еколошка дозвола за ТИТАН Усје повторно ја разгневи стручната јавност и еколошките друштва, ставајќи ги интересите на крупниот капитал пред интересите на граѓаните, велат од Левица. Како што додаваат од оваа партија, стручната јавност, лекарите, екологистите и сите засегнати страни добиваат само 30 дена да анализираат обемна документација која ќе одлучува за квалитетот на воздухот и здравјето на населението во следните 7 години. „Од друга страна на УСЈЕ ѝ беа оставени повеќе од два месеца за корекции, дополнувања и усогласување на документацијата. Институциите трпеливо чекале, помагале и овозможувале процесот да се одвива без притисок и без рокови што би можеле да го загрозат интересот на компанијата. Уште поскандалозен е фактот што документацијата е објавена така што малкумина знаат и дека постои. Наместо процесот да биде јавно истакнат и достапен за секој граѓанин, тој е скриен во административни папки и бирократски процедури кои очигледно повеќе му служат на инвеститорот отколку на јавниот интерес. Ако институциите навистина веруваат во транспарентност, зошто не организираат широка јавна кампања? Зошто граѓаните сами треба да ја бараат документацијата? Зошто процесот се води како да станува збор за техничка формалност, а не за одлука што директно влијае врз здравјето на стотици илјади луѓе“, прашуваат од Левица. Особено загрижува најавата, според нив, дека јавната расправа би можела да се одржи веднаш по 26 јуни, во период кога започнуваат летните одмори и кога учеството на јавноста е значително намалено. Граѓаните, истакнуваат оттаму, со право се прашуваат дали станува збор за случајност или за внимателно избран термин во кој критиките ќе бидат помалку бројни, а отпорот послаб. „ТИТАН Усје со години остварува профит во милиони евра. Граѓаните, пак, со години живеат со загаден воздух и ги трпат последиците врз своето здрвје. Денес се одлучува дали во наредните 7 години компанијата ќе продолжи да работи под услови што ќе ги штитат интересите на јавноста или под услови што ќе го штитат нејзиниот профит. Поради тоа, Левица бара: продолжување на рокот за јавни забелешки и активно информирање на граѓаните; јавната расправа да се одржи во термин што овозможува максимално учество на јавноста; независна експертска ревизија на севкупната документација; задолжителен независен мониторинг на емисиите со јавно достапни податоци во реално време; значително построги еколошки стандарди од досегашните; здравјето на граѓаните да биде ставено пред профитот на корпорациите. Воздухот не е сопственост на ТИТАН Усје“. Институциите, оценуваат од Левица, не смеат да работат во интерес на загадувачите, туку во интерес на народот. „Оваа битка не е само за една дозвола, туку за тоа кој одлучува за иднината на Скопје – народот или корпорациите.“ Левица Цементарница УСЈЕ Автор/Извор Макфакс Прикажи во метро Off
Go to News Site