Kurir
Со топката во нозете беше еден од најнадарените фудбалери на златната генерација на југословенскиот фудбал што се распадна заедно со државата. Но Роберт Просинечки ги сакаше фудбалот, цигарите и пијалакот со речиси иста страст. И денес тврди дека немало да биде подобар играч дури и да не пушел и не пиел. До денес останува единствениот фудбалер во историјата кој постигнувал голови на светски првенства во дресовите на две различни репрезентации. Постои една карактеристика по која Роберт Просинечки секогаш се издвојуваше од останатите. Уште на дваесетгодишна возраст, играчот од средниот ред изгледаше како ветеран кој веќе поминал цела кариера на највисоко ниво. Можеби тоа беше поради неговата разлетана руса коса, светлите сини очи или уморниот израз на лицето. Но додека неговиот изглед раскажуваше една приказна, нозете речиси секогаш раскажуваа сосема друга. Човек би помислил дека таа сериозност доаѓала од Балканот, од простор обележан со војни и поделби. Но Просинечки е роден во 1969 година во Западна Германија. Неговиот татко бил Хрват, мајка му Србинка, а двајцата биле дел од генерацијата гастарбајтери кои по Втората светска војна помогнале во обновата на Германија. Можеби уморниот изглед доаѓал од нешто друго – од цигарите и алкохолот, пороци кои никогаш не се обидуваше да ги сокрие. Во едно интервју за ФИФА дури и изјави дека не верува оти би бил подобар играч доколку не пушел и не пиел. Просинечки имаше само 17 години кога дебитираше за Динамо Загреб во југословенското првенство и веднаш постигна гол. Но набрзо дојде до конфликт меѓу клубот и неговото семејство, откако татко му побарал професионален договор за синот. Тогашниот тренер на Динамо, Мирослав Блажевиќ, јавно изјавил дека ќе ја изеде својата тренерска диплома ако Просинечки стане добар фудбалер. Историјата покажа колку згрешил. Младиот Роберт замина во Белград и потпиша за Црвена Звезда. Таму неговиот талент експлодираше во полн сјај. Освои три шампионски титули и беше дел од генерацијата која во 1991 година го освои Купот на европските шампиони – најголемиот успех во историјата на клубот и еден од најголемите во историјата на балканскиот фудбал. Во тоа време веќе беше страстен пушач. Звонимир Бобан, негов соиграч најпрво во Југославија, а потоа и во Хрватска, раскажуваше дека Просинечки пушел црвено „Марлборо“ уште како тринаесетгодишник. „Бевме цимери. Не беше лесно да се заспие. Помеѓу три и четири часот наутро ќе го слушнев звукот на запалката“, се присетуваше Бобан. Поранешниот соиграч од Црвена Звезда, Рефик Шабанаџовиќ, подоцна откри дека во деновите кога настапувал за Реал Мадрид, Просинечки пушел по две или три кутии цигари дневно и тоа без никакво криење, дури и пред клупските челници. Хрватот пристигна во Реал Мадрид по европскиот триумф со Црвена Звезда и за тогашни услови огромни 15 милиони евра. Но шпанската авантура не беше успешна. Повредите, недисциплината и животниот стил го спречија да стане тоа што многумина му го предвидуваа – еден од најдобрите играчи во светот. Следуваа Овиедо и Барселона, но ниту таму не успеа да го достигне нивото од белградските денови. Сепак, кога ќе го облечеше националниот дрес, сè се менуваше. Во 1987 година беше прогласен за најдобар играч на Светското првенство за фудбалери до 20 години, кое Југославија го освои. Три години подоцна настапи и на сениорскиот Мундијал во Италија и постигна гол за Југославија. По распадот на државата и создавањето на независна Хрватска, Просинечки повторно се најде на Светско првенство. Во Франција 1998 постигна гол и помогна Хрватска сензационално да стигне до третото место, само неколку години по завршувањето на војната. Така стана првиот и до денес единствениот фудбалер кој постигнувал голови на светски првенства за две различни држави. Интересно е што и покрај статусот на хрватска легенда, самиот Просинечки признава дека поради успесите со Црвена Звезда и денес понекогаш е поздравуван повеќе во Белград отколку во Загреб. Во 2001 година неговата кариера доби уште едно необично поглавје. Потпиша за Портсмут, тогаш англиски второлигаш, каде стекна култен статус меѓу навивачите. Таму се сретна со младиот Питер Крауч, кој подоцна раскажуваше легендарни приказни за својот соиграч. „Пушеше пред натпревар, на полувреме и по натпревар. Само уште недостигаше да пуши под туш“, се шегуваше Крауч. Просинечки подоцна возврати со насмевка. „Точно е дека пушев многу. Цигарите ме смируваа и никогаш не сум се обидувал да го сокријам тоа. Но не и под туш. Тука Питер малку претера“, изјави тој години подоцна. Можеби никогаш не го достигна врвот што му го предвидуваа стручњаците. Можеби цигарите и алкохолот му одзедоа дел од кариерата. Но едно останува неспорно: Роберт Просинечки беше фудбалски уметник, боем и уникатна појава каква што современиот фудбал сè поретко создава.
Go to News Site