Kajgana
Спонзорот на Шкендија се закани со повлекување од Македонија доколку ФФМ не ја повлече одлуката Филип Здравески 05.06.2026 / 10:06 Фудбал По неодамнешната одлука на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) против Шкендија, спонзорот на клубот бара оваа „скандалозна“ одлука итно да се преиспита и корегира. ФФМ драконски ја казни Шкендија за исвиркувањето на државната химна пред финалето од Купот на Македонија кое тетовскиот клуб го загуби со 1:0 од Силекс, како и за тоа што тимот не се појави на церемонијата за доделкување на медалите. Вкупната парична казна гласи 105 илјади евра плус исфрлање од Куп натпреварувањето за следната натпреварувачка сезона 2026/2027. „Шкендија е меѓу ретките клубови кои работеле со сериозност, коректност и целосно почитување на спортските и финансиските обврски. Нашиот придонес низ годините имаше големи трошоци, напори и жртви. Покрај тоа, Шкендија е клубот кој, со своите достоинствени настапи во Европа, го зголеми коефициентот на лигата, од кој имаат корист сите локални клубови и благодарение на што, од следната година, нашиот фудбал ќе има дополнително место во европските купови. Затоа, неприфатливо е одлуките донесени на маса да му штетат на сериозен проект и да го наградуваат овој придонес со намерен удар. Овој пристап нè наведува и да ја разгледаме опцијата за повлекување од клубот/фудбалот во Северна Македонија. Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, тогаш ние како спонзор сериозно ќе размислиме за понатамошно продолжување, бидејќи оваа одлука ги крши правата и политиките на клубот“, стои во соопштението на Шкендија. Оттаму додаваат дека очекуваат органите на ФФМ итно да размислат, во интерес на спортската правда, клубот и иднината на фудбалот воопшто. Шкендија сезонава заврши на второто место во првата лига, како и во купот, а во европските натпреварувања имаше оддлична авантура стигнувајќи до плејоф фазата на Конференциската лига откако претходно ја мина лигашката фаза. Спонзор на Шкендија е компанијата Ecolog на Назиф Дестани, а со седиште во Дубаи. ФК Шкендија ФФМ Автор/Извор Филип Здравески Прикажи во метро Off
Go to News Site