Collector
Средба на министерот Муцунски со министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ | Collector
Средба на министерот Муцунски со министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ
Kurir

Средба на министерот Муцунски со министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Сараево оствари средба со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ. На средбата беа потврдени одличните билатерални односи и континуираната соработка меѓу двете држави, како и конструктивниот политички дијалог што се одвива на сите нивоа. „Одржуваме редовен и содржаен политички дијалог на сите нивоа и немаме отворени билатерални прашања. Во денешните геополитички околности, тоа претставува редок и позитивен пример во нашиот регион“, истакна министерот Муцунски на заедничката прес-конференција по средбата. Соговорниците разговараа за актуелните политички состојби во регионот, европската интеграција и политиката на проширување на Европската Унија. Притоа беше нагласено дека проширувањето претставува стратешки интерес и за земјите од Западен Балкан и за самата Европска Унија, особено во услови на засилени геополитички предизвици. „Нашите две држави ги поврзуваат заеднички стратешки цели, пред сè европската перспектива на регионот, како и заедничката определба за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и Европа“, нагласи Муцунски. Во разговорите беше потврдена и подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка, пред сè на економски план. Беше истакната потребата од почести бизнис-форуми, подобрување на транспортната поврзаност и повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје – Сараево. „И покрај одличните политички односи, постои значителен простор за унапредување на економските врски меѓу двете земји. Во таа насока, иницираме организирање на бизнис-форуми, надминување на оперативните предизвици во транспортот и подобрување на транспортната поврзаност, вклучително и преку повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје – Сараево“, истакна министерот Муцунски. Соговорниците разменија мислења и за актуелните безбедносни предизвици во регионот, при што беше нагласена важноста од зачувување на стабилноста, суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина, во согласност со Дејтонскиот мировен договор. „Цврсто стоиме зад суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина. Почитувањето на државните симболи и меѓународно признатиот субјективитет на БиХ останува наш принципиелен и конзистентен став“, истакна Муцунски. Осврнувајќи се на евроатлантската перспектива на Босна и Херцеговина, министерот Муцунски нагласи: „Како земја-членка на НАТО, силно ги поддржуваме евроатлантските аспирации на Босна и Херцеговина и напорите за спроведување на реформите во соработка со Алијансата и меѓународните партнери. Истовремено, сметаме дека ангажманот на НАТО и Европската Унија, заедно со присуството на ЕУФОР-Алтеа и Канцеларијата на високиот претставник, остануваат од суштинско значење за зачувување на стабилноста, безбедноста и целосната имплементација на Дејтонскиот мировен договор.“ Воедно, беше потенцирана и важноста од меѓусебната поддршка во рамките на актуелните кандидатури во меѓународните организации и форуми. „Убеден сум дека денешните разговори ќе дадат нов импулс во натамошното јакнење на нашето партнерство и пријателство, засновано на доверба, меѓусебна поддршка и заедничка визија за стабилен, безбеден и економски просперитетен регион“, истакна министерот Муцунски. Двајцата министри ја потврдија подготвеноста за натамошно зајакнување на политичкиот дијалог, економската соработка и партнерството меѓу двете пријателски земји.

Go to News Site