Kurir
Повеќе од три децении по Студената војна Европа живееше со илузијата дека историјата се решила во нејзина корист. Либералната демократија изгледаше како да е во подем, глобалните пазари се ширеа без сериозни турбуленци, а американскиот воен примат го изолираше континентот од конкуренцијата во геополитичкиот простор. Под тие услови, Европската Унија можеше да се фокусира на проширување, регулација и внатрешна интеграција, наместо на геополитика. Таа ера е завршена. Денес, светот е во „интеррегнум“: фаза на неизвесност обележана со крпеница соработка, вооружена меѓузависност и замаглување на мирот и војната. Енергијата, валутата, технологијата и информациите станаа алатки за принуда. Довербата – „основата на меѓународниот систем“ – е скршена. Светот влезе во нова фаза на геополитички и економски нарушувања, а Европа ги чувствува потресите. Претпоставките што долго време ја поткрепуваа безбедноста и просперитетот на континентот – сигурни гаранции од САД, отворени глобални пазари и стабилен меѓународен поредок – еродираат. Во исто време, технолошкото водство се поместува кон исток, конфликтот повторно се појави во дворот на Европа, а одбраната се пресели од периферијата во центарот на политиката. Не само што добивме понестабилен свет, туку и поконкурентен. Прашањето сега не е дали Европа мора да се прилагоди, туку дали може да го стори тоа доволно брзо и доволно смело за да ја обликува сопствената иднина. Нов мултиполарен свет, обликуван првенствено од САД, Кина и Русија се зацврсти, а местото на Европа во него е сè понеизвесно. ЕУ сега се соочува со дестабилизирачка комбинација од надворешни притисоци и внатрешни ограничувања што ја доведуваат во прашање нејзината долгорочна стратешка релевантност. Европа се чувствува сè повеќе изложена – притисната помеѓу експанзионистичката Русија и економски агресивната Кина на исток, и сè повеќе непредвидливиот, поранешен најдобар пријател, САД на запад. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го нагласи сега кревкиот однос со САД, и покрај поблагата реторика на Рубио. „Некои линии се пречекорени“, ќе изјави таа. „Европјаните претрпеа шок терапија“. Изјавата е резутат на свесност дека глобалната моќ повеќе не е центрирана на обединетиот Запад, туку поделена меѓу Глобалниот Запад, Глобалниот Исток и Глобалниот Југ. Затоа, на еден или друг начин, европските нации колективно мора да станат свесни дека „европскиот проект“ сега е проект на тврда сила на кој му е потребен геостратешки отпечаток надвор од сегашните граници на ЕУ. Европските лидери ќе мора да потрошат повеќе политички капитал за да обезбедат ефикасна геополитичка ЕУ, за да може да се појави во свет кој е целосно во спротивност со старата ЕУ на отворени граници и слободна трговија. Дали се способни тоа да го направат? Кој знае. Премногу тромо и премногу калкулантски. Во новиот глобален поредок кој е регулиран од законот на најсилниот, Европа го губи чекорот, зашто се уште е цврсто окована од правила, мултилатерализам и консензус. Затоа, во овој нов свет таа се чувствува ослабена, бидејќи не знае како да ги користи инструментите што ги има – ѝ недостасува политичко единство за да ги користи и, всушност, за Европа тоа е брутален шок за нејзината концепција за светот и нејзината сопствена концепција за местото што самата Европа треба да го заземе во овој нов глобален поредок. Очигледно Европа не може да го најде своето место во овој нов светски поредок. Тоа се случува кога Европа со децении се потпира на безбедносното ќебе на Америка, при што европските нации со децении биле во можност да водат дарежливи социјални држави, додека Вашингтон ја плаќал сметката за трошоците за безбедност. Во овој нов поредок, Европа се наоѓа себеси потисната од историски стратешки партнер во пасивен набљудувач. И не може ништо да направи со тоа, иако премногу зборува не правејќи многу да ја промени својата позиција. Се прашувам: што се случи со таканаречен Стратешки Компас од 2022, наменет да ја води надворешната и безбедносна политика на ЕУ до 2030 година? Четири години подоцна, компасот на овој многу стар модел ја изгуби својата насока. Во 2022 дијагнозата беше јасна: Русија беше централната закана, а одговорот мораше да биде поместување кон тврда моќ – воени капацитети, заштита на трговските патишта, одбрана на границите. Таа рамка се сврте против самата ЕУ. Оттогаш, листата се зголеми: Блискиот Исток, Венецуела, Иран. Главната – ако не и единствената – реакција на Унијата беше да ги повика вклучените страни да покажат „воздржаност“. Тоа стана врвно оружје, заедно со нуклеарното одвраќање. Европа останува набљудувачо по?ади недостаток на подобри опции. Сега сме се повеќе убедени дека најнепосредната закана за виталните интереси на Европа повеќе не доаѓа од Москва, очигледно, туку од Вашингтон. Дали е тоа навистина случај – или е само уште една визија, уште една реалност? Што конечно треба да се случи Европа да сфати дека светот се променил – и сè уште се менува? Или, конечно предоцна откри дека нејзиниот стратешки суверенитет бил претежно PDF документ. Изгледа време е и ние да се разбудиме заедно со Европската Унија и конечно нашата надворешна политика да сфати дека земјите повеќе немаат сојузници – само интереси. Зашто поинаку ниту стратешкиот компас на ЕУ, ниту оној нашиот кој искрено го немаме покажува кон никаде. Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес
Go to News Site