Kurir
Деновиве започна реализацијата на капиталниот проект за изградба на фекална канализација во дел од населено место Миладиновци, во општина Илинден. Проектот предвидува изградба на примарна канализациска мрежа со краци и приклучоци во должина од околу 4.570 метри, која ќе биде поврзана со веќе постоечката пречистителна станица. Со тоа ќе се овозможи собирање, одведување и третман на отпадните фекални води од домаќинствата. Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, информираше дека со новата канализациска мрежа ќе бидат опфатени домовите во централниот дел на Миладиновци кои досега немале пристап до ваков систем. Тој нагласи дека вложувањето во комуналната инфраструктура е од особена важност за локалниот економски развој, но и за подобрување и заштита на животната средина, што директно влијае врз поквалитетен живот на жителите. Изградбата на фекалната канализација претставува еден од приоритетните проекти на општината, а активностите ќе продолжат и во најниските делови од населените места. Со тековната фаза од проектот се предвидува приклучување на повеќе од 100 домаќинства, со што Миладиновци ќе добие целосна покриеност со фекална канализациска мрежа.
Go to News Site