Kurir
Во Собранието денеска беше презентиран двогодишниот извештај за работата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој ги опфаќа активностите во периодот од мај 2024 до мај 2026 година. Извештајот е структуриран во три клучни столба: законодавна и надзорна функција, претставничка функција и парламентарна дипломатија, како и транспарентност, комуникација и близина со граѓаните. На 160 страници се претставени резултатите од работата на Собранието во изминатите две години, преку податоци за одржаните пленарни седници, усвоените законски акти, пратеничките прашања, интерпелациите, јавните и надзорните расправи, координациите и претседателствата. Опфатени се и бројните билатерални и мултилатерални активности, официјални и работни посети, приеми и други форми на парламентарна дипломатија. Посебно внимание е посветено на напорите за поголема транспарентност и отвореност на Собранието кон јавноста, преку јавни обраќања, интервјуа, брифинзи, соопштенија, организирани посети на Собранието, активности на пратеничките канцеларии, парламентарниот караван, едукативни работилници и примена на дигитални алатки за комуникација со граѓаните. Зборувајќи за Извештајот, претседателот Гаши истакна дека тој претставува чин на одговорност, транспарентност и почит кон граѓаните. Зад секоја бројка стои вложен напор Собранието да стане потранспарентно, поотворено и поблиско до граѓаните. Добивањето јавна функција е сериозна обврска кон очекувањата и довербата од граѓаните, а секоја доверба бара искрена отчетност. Ова двогодишно патување не е по најлесниот, туку по вистинскиот пат. Демократијата не се гради за еден ден и никогаш не завршува како процес, рече Гаши. Ангажманот во текот на овој половичен мандат, претседателот Гаши го посвети на зајакнување на Собранието како израз на демократската зрелост и како темел на стабилноста на институционалниот поредок на државата. Неговата визија беше едноставна: Собранието – дом за сите, со убедување дека демократијата е процес што бара континуирана работа, постојан интегритет и долгорочна визија. На крајот, претседателот на Собранието упати благодарност до пратениците, собраниската служба, граѓаните, медиумите и меѓународните партнери за нивниот придонес во работата на институцијата, нагласувајќи дека постигнатите резултати се заеднички успех, но дека претстојат уште многу предизвици, реформи и задачи во насока на понатамошно унапредување на парламентарната демократија. https://www.youtube.com/watch?v=YFPUm1TFdvct
Go to News Site