Kajgana
Колку ресурси што им се потребни на луѓето трошат дата центрите? Александра Спасеска 08.06.2026 / 17:12 Вести Брзиот развој на вештачката интелигенција би можело да изврши огромен притисок врз глобалните енергетски, водни и копнени ресурси во наредните години, предупредува ново истражување од Универзитетот на Обединетите нации (UNU). Во извештајот насловен The Environmental Cost of Artificial Intelligence: Carbon, Water and Land Footprints , истражувачите велат дека еколошкиот отпечаток на вештачката интелигенција е многу поширок од емисиите на јаглерод диоксид и расте со брзина што би можела сериозно да ги оптовари природните ресурси низ целиот свет. Според проценките од студијата, потрошувачката на електрична енергија поврзана со вештачката интелигенција нагло ќе се зголеми до 2030 година. Работењето на системите за вештачка интелигенција ќе бара речиси три пати повеќе електрична енергија отколку Пакистан, Бангладеш и Нигерија, земји со вкупно население од околу 650 милиони, заедно. Авторите проценуваат дека системите за вештачка интелигенција би можелo да генерираат до 400 милиони тони јаглерод диоксид годишно до крајот на деценијата, приближно еквивалентно на сегашните годишни емисии на Велика Британија. Истражувањето, исто така, го истакнува прашањето за потрошувачката на вода. До 2030 година, инфраструктурата поврзана со вештачката интелигенција би можела да троши околу 9,3 илјади милијарди литри вода годишно. Тоа е споредливо со потребите за вода на домаќинствата на околу 1,3 милијарди луѓе во подсахарска Африка. Истражувачите велат дека површината што ја зафаќаат дата центрите, електраните и другата инфраструктура поврзана со вештачката интелигенција би можела да надмине 14.500 квадратни километри. Тие особено предупредуваат дека придобивките од развојот на вештачката интелигенција во моментов ги користат релативно мал број земји, додека последиците врз животната средина би можеле непропорционално да влијаат на други делови од светот. Меѓу нив се и некои азиски земји кои веќе се соочуваат со растечка побарувачка за енергија и растечки проблеми со достапноста на вода. Авторите на извештајот повикаа на поголема транспарентност од технолошките компании, посилен надзор врз животната средина од државите и посилна меѓународна соработка за да се обезбеди дека развојот на вештачката интелигенција останува одржлив. вештачка интелигенција Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On
Go to News Site