Collector
Giriş Yap
Андоновски: Учениците ќе учат основи на програмирање и сајбер безбедност преку micro:bit уреди | Collector
Андоновски: Учениците ќе учат основи на програмирање и сајбер безбедност преку micro:bit уреди

Андоновски: Учениците ќе учат основи на програмирање и сајбер безбедност преку micro:bit уреди

Во училиштето „Коста Рацин“ во Брвеница денеска беше означен почетокот на проектот „Училишта на 21 век – Фаза 2“, партнерска иницијатива насочена кон развој на дигитални вештини, критичко размислување, практично учење и примена на современи технологии во образовниот процес. Проектот се реализира во партнерство меѓу Министерството за дигитална трансформација, Британскиот совет и Македонски Телеком, со заедничка поддршка од над 350.000 евра. Проектните активности ќе се спроведуваат во периодот од мај 2026 до јули 2027 година. Во оваа фаза ќе бидат опфатени 100 училишта од целата држава, повеќе од 20.000 ученици на возраст од 9 до 10 години, како и околу 1.000 наставници од одделенска настава. Наставниците ќе поминат обуки за користење на micro:bit уреди и современи дигитални алатки во наставата, а учениците ќе развиваат знаења и вештини од програмирање, сајбер безбедност, критичко размислување, решавање проблеми и основни концепти на вештачката интелигенција. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека проектот е важен чекор кон вистинска дигитална трансформација во образованието, преку која технологијата станува алатка за учење, создавање и развој на самодовербата кај учениците. „Проектот ќе биде наменет за цела Македонија, опфаќа вкупно 100 училишта и повеќе од илјада наставници кои ќе поминат обука каде ќе се стекнат со вештини како да ги користат овие micro:bit уреди во нивната настава. Зборуваме за четврто и петто одделение, а уредите ќе се употребуваат во сите наставни предмети. По сите наставни предмети ќе може да се прават проекти со micro:bit уреди, преку кои учениците ќе учат основи на програмирање и основи на сајбер безбедност. Очекувам од материјалите што ќе ги произведеме, меѓу кои и прирачници, и наставниците во погорните одделенија да ги користат micro:bit уредите и да работат на реални проекти“, изјави Андоновски. Целта е учениците да не бидат само корисници на технологија, туку да учат како да создаваат, да размислуваат логички, да решаваат проблеми и да работат со современи дигитални алатки. Во рамки на партнерството, Македонски Телеком дополнително ќе опреми пет училишта низ Македонија со компјутерска опрема. Првата донација на компјутери беше реализирана токму во училиштето „Коста Рацин“ во Брвеница, каде што се одржа и настанот за почеток на проектот. Проектот предвидува и онлајн консултации, онлајн micro курс, како и два Coding Challenge настани, преку кои учениците ќе можат да ги претстават своите идеи, креативност и стекнато знаење. „Училишта на 21 век – Фаза 2“ придонесува кон модернизација на образованието и подготовка на младите за дигиталната иднина. Програмата ќе им помогне на учениците да стекнат вештини кои сè повеќе се бараат на идниот пазар на труд, меѓу кои аналитичко размислување, креативност, технолошка писменост и иновативност.

Go to News Site