Collector
  • X (Twitter)
Giriş Yap
Австрија: Матијас Синделар – „Хартиениот човек“ под будно око на нацистите и проколнат со мистериозна смрт | Collector
Австрија: Матијас Синделар – „Хартиениот човек“ под будно око на нацистите и проколнат со мистериозна смрт

Австрија: Матијас Синделар – „Хартиениот човек“ под будно око на нацистите и проколнат со мистериозна смрт

Да се каже дека Матијас Синделар бил отворен политички дисидент или гласен критичар на нацистичкиот режим би било претерување. Но, тоа не го менува фактот дека овој тивок човек стана вечен симбол на отпорот, икона на несоработката со фашизмот и најголемата гордост на австриската нација во нејзините најтемни денови. Клучниот момент се случи на 3 април 1938 година. Синделар веќе беше глобална фудбалска ѕвезда, иако на 35-годишна возраст ги живееше последните играчки денови. Тој беше капитен и предводник на фамозниот австриски „Вундертим“ (Чудесниот тим), репрезентација која во своите златни години постигна дури 101 гол на 31 натпревар. Само неколку недели пред тој април, Германија изврши „Аншлус“ – присилно припојување на Австрија кон Третиот Рајх. За да ја прослават анексијата, нацистичките власти организираа т.н. „Натпревар на обединувањето“ на стадионот „Пратер“ во Виена. Локалната австриска селекција имаше наредба да истрча на теренот и со насмевка да му одаде почит на сопствениот погреб. Тоа беше последниот натпревар во историјата на независна Австрија пред Втората светска војна. Земјата која веќе имаше обезбедено пласман на претстојниот Мундијал во Франција беше избришана од фудбалската мапа, а нејзините играчи добија декрет во иднина да настапуваат за нацистичка Германија. Танц пред очите на нацистичката свита Протоколот и дипломатијата наметнуваа натпреварот во Виена да заврши со пријателско реми. Но, токму тука приказната добива митски димензии кои се прераскажуваат со децении. Записите од тоа време велат дека супериорните Австријци намерно промашувале празни голови во првото полувреме за да не го налутат окупаторот. Но, на 20 минути пред крајот, на Синделар и на неговиот колега Карл Сеста им здосадила глумата. Австрија победи со 2:0, а легендата вели дека Синделар својот гол го прославил со провокативен, бурен танц директно пред трибината преполна со високи нацистички офицери. Следните месеци докажаа дека фудбалскиот генијалец нема намера да им се поклони на новите владетели. Во август 1938 година, тој купи кафуле од неговиот пријател Леополд Дрил, кој како Евреин според нацистичките закони веќе не смеел да поседува бизнис. Синделар му платил огромна, екстремно дарежлива сума на пари за да му помогне да побегне. Како нов газда на локалот, Матијас упорно одбивал во кафулето да лепи нацистички пропагандни плакати. Гестапо веднаш отвори досие за него. Кафулето му беше под постојан надзор, а во тајните извештаи Синделар беше опишан како „социјалдемократ и проеврејски настроен“. Неговата врска со Евреите доаѓаше од фактот што цела кариера ја помина во Аустрија Виена, тогашен клуб на виенската буржоазија. Самиот Синделар е роден во Моравија (денешна Чешка), а семејството се преселило во Виена кога имал две години, каде што неговото име Матеј Шинделар било германизирано. Иако неговото семејство било со католичка вероисповед, неговата лојалност кон еврејските пријатели остана непоколеблива. Митот за бунтовниот генијалец доби трагичен крај на 23 јануари 1939 година. Неговиот пријател Густав Хартман влегол во станот на неговата девојка Камила Кастањола и ги нашол дветеа безживотни тела во креветот. Официјалната нацистичка истрага траеше само два дена, а пресудата гласеше: труење со јаглероден моноксид од неисправен оџак. Набрзо се родија теории на заговор дека Гестапо ги ликвидирал. Познатиот писател Фридрих Торберг му посвети поема во која сугерираше дека Синделар извршил самоубиство бидејќи не можел да ја поднесе реалноста по анексијата. Во документарец на „BBC“, негов близок пријател откри дека нацистите брзале да ја затворат истрагата како „несреќен случај“ за да можат да му приредат државен погреб. Според нивните тогашни закони, за самоубиство следувало сквернавење на телото и забрана за погреб, а Хитлер не сакал да создаде маченик од најпопуларниот австриски спортист. На неговиот погреб во Виена се појавија над 15.000 луѓе. „Фудбалскиот Моцарт“ кој имаше мозок во нозете Синделар почна на 15 години во Херта Виена, но врвот го допре во Аустрија Виена, каде што освои сè што можеше да се освои, вклучувајќи го и Митропа купот – претходникот на денешната Лига на шампиони. Беше нетипичен напаѓач. Неговата кревка и слаба физичка конституција ја компензираше со нестварна техника, агилност и фудбалска интелигенција. „Овој човек има мозок во своите нозе“, напиша тогаш театарскиот критичар Алфред Полгар. Во тоа меѓувоено време, фудбалот во виенските кафулиња се дебатираше како уметност и филозофија. Синделар беше врвот на таа австриска фудбалска филозофија – триумф на умот над мускулите. Поради градбата го викаа „Хартиениот човек“, а поради елеганцијата го доби епитетот „Фудбалскиот Моцарт“. Тој стил на кратки пасови и постојана ротација, кој го усоврши австрискиот „Вундертим“, подоцна стана директна инспирација за моќната унгарска „Лесна коњаница“ во 50-тите, а со децении подоцна ги постави темелите на холандскиот „тотален фудбал“ и култната „Тики-така“ на Барселона. Во 1999 година, во голема национална анкета, Матијас Синделар официјално беше прогласен за најдобар австриски фудбалер и спортист на векот. Неговата кариера заврши со одбивањето да го облече нацистичкиот дрес. Дали нацистите навистина го замолкнаа во тој дождлив јануари во 1939 година, е прашање кое засекогаш ќе остане енигма, но неговото „НЕ“ за Хитлер останува врежано во вечноста.

Go to News Site