Collector
Giriş Yap
Тунис: Франсилеудо дос Сантос – Бразилецот што ѝ донесе историска титула на репрезентацијата која ја избра за своја | Collector
Тунис: Франсилеудо дос Сантос – Бразилецот што ѝ донесе историска титула на репрезентацијата која ја избра за своја

Тунис: Франсилеудо дос Сантос – Бразилецот што ѝ донесе историска титула на репрезентацијата која ја избра за своја

Преселбата на Франсилеудо дос Сантос во Тунис всушност беше плод на обично недоразбирање. Додека играше за белгиски Стандард Лиеж, каде што никако не можеше да се снајде, неговиот менаџер му спомнал понуда од земја за која фудбалерот немал поим каде се наоѓа. Поради јазичната сличност, Бразилецот помислил дека го викаат да ја продолжи кариерата во Турција. Кога сфатил дека станува збор за Тунис, веќе било доцна – но одлуката да ја напушти Белгија била конечна. Потпиша за Ел Сахел и неочекувано си отвори животна патека каква што не можел ниту да ја замисли во родното место Зе Дока, во бразилската држава Марањао. Во Тунис пристигна со својот препознатлив стил: голем христијански крст кој му висеше над дресот. Му требаше време да сфати дека зачудените погледи од локалните муслимани биле токму поради тој ѓердан. Но, тоа не беше единствениот културен шок – по неколку недели сфатил дека и во соблекувалната локалното правило е да не се бања целосно гол пред другите. Тренер во клубот му беше Жан Фернандез, човекот кој своевремено го лансираше Зинедин Зидан во Кан. Под негово водство, Франсилеудо разви нестварен голгетерски инстинкт, па го следеше тренерот и при трансферот во француски Сошо. Неговите игри во Франција го привлекоа вниманието на многу клубови, но и на една држава. Пасош од претседателот и гнев поради бразилското знаме Имаше уште само три недели до почетокот на Африканскиот куп на нации во 2004 година, кога Тунис реши да ги забрза сите бирократски процедури. Бидејќи го исполнуваше условот дека живеел во земјата две години, лично претседателот на државата му додели туниски пасош за да може веднаш да игра за репрезентацијата. Во Сошо беа бесни. Челниците на францускиот клуб тврдеа дека врската на Франсилеудо со Тунис е рамна на нула, на што фудбалерот одговараше дека неговиот син е роден таму. Вистината беше дека Сошо едноставно не сакаше да го изгуби својот најдобар стрелец кој таа сезона постигна 17 голови на 35 меча. Но, планот на Тунис успеа: токму Дос Сантос го постигна клучниот гол во финалето против Мароко, со кој Тунис ја освои својата прва и единствена африканска титула во историјата. Сепак, „Леудо“ за малку ќе го расипеше статусот на национален херој. Истата година со Сошо го освои Лига купот на Франција по победата над Нант. Во налет на еуфорија, тој титулата ја прослави трчајќи по теренот со знамето на Бразил. Ова предизвика сериозен револт кај туниските навивачи кои се почувствуваа навредени што нивниот нов шпиц толку брзо ја заборави фудбалската националност што ја прифати неколку месеци претходно. Фудбалерот подоцна јавно призна дека згрешил и упати извинување. Мундијалскиот ризик и нестварните 11 минути Казната за ова невнимание како да пристигна во најлошиот можен момент. На последниот подготвителен пријателски меч пред Светското првенство во Германија во 2006 година, Дос Сантос заработи тешка повреда. Имаше само 20 дена до првиот меч, а болките беа неиздржливи. Направи три магнетни резонанси. Лекарите прво мислеа дека станува збор за мускулно скинување и третманот одеше во таа насока, пред специјалистите шокантно да откријат дека всушност му настрадале лигаментите на коленото. Франсилеудо немаше никакви медицински услови да игра на Мундијалот. Но, со нечовечки напори и благодарение на една силна блокада (инекција) против болки, тој успеа да влезе во игра на мечот против Украина. Одигра само 11 минути, но тие 11 минути со блокирано колено станаа легендарни. По завршувањето на кариерата, Бразилецот со туниско срце се врати во своето родно место Зе Дока, каде што денес работи како обичен службеник во локалната самоуправа. И денес, сите локалци му зборуваат токму за тие нестварни 11 мундијалски минути во кои заигра за Тунис со скинати лигаменти.

Go to News Site