Kurir
Турција, Египет и Пакистан во последните денови пренесуваат пораки меѓу САД и Иран во обид да го деескалираат конфликтот, објавува американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на неименуван американски извор. Високи претставници на трите земји одржаа одделни разговори со претставникот на Белата куќа, Стив Виткоф, и шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, наведе извор пренесен од американскиот портал. „Медијацијата е во тек и постигнува напредок... Во тек се разговори за завршување на војната и решавање на сите преостанати прашања. Се надеваме дека наскоро ќе имаме одговори“, рече неименуваниот извор. И Си-Ен-Ен денеска објави, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите, дека неколку земји во последните денови пренесуваат пораки меѓу САД и Иран во обид да ги намалат растечките тензии околу енергетските централи и електраните. Турција и Египет, според тие извори, исто така, пренесувале пораки како дел од тие напори. Истовремено, специјалниот претставник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, доби предупредувања од неколку функционери во регионот дека заканата на Трамп за напад врз иранските електрани може да предизвика силна одмазда, вклучително и напади врз американските сојузници во Персискиот Залив, наведе американската ТВ мрежа. Регионалните функционери, исто така, биле во контакт со иранскиот министер Арагчи, додава Си-Ен-Ен. И покрај интензивната комуникација, не е јасно колку страните напреднале во разговорите за постигнување „целосно и конечно решение“ за војната, како што рече Трамп денес во објава на неговата мрежа Truth Social.
Go to News Site