Kurir
Иранскиот министер за надворешни работи, Сејед Абас Арагчи, изјави дека стратешки важната Ормуска теснина е отворена само за бродови на земјите кои не ги поддржуваат нападите на САД и Израел врз Иран. Тој прецизираше дека преминот е затворен за пловилата на „агресорските држави и нивните поддржувачи“, пренесува порталот „Прес ТВ“. Во телефонски разговор со својот јужнокорејски колега Чо Хјун, Арагчи истакна дека моменталната несигурност во регионот и во Ормуската теснина е директна последица на нападите врз Иран извршени на 28 февруари. Шефот на иранската дипломатија повтори дека Техеран одлучно ќе го брани својот национален суверенитет и територијален интегритет. Министерот Чо изрази сочувство за жртвите меѓу иранските граѓани и предупреди дека регионалната нестабилност има сериозни негативни последици врз глобалната економија, особено врз енергетските пазари. Арагчи во текот на денот оствари разговори и со своите колеги од Египет и Оман, Бадр Абделати и Саид Бадр Албусаиди, при што беше нагласена неопходноста од регионална деескалација и засилена координација меѓу државите во регионот за намалување на тензиите.
Go to News Site