Германија започна контроверзен транспорт на нуклеарен отпад
Kurir

Германија започна контроверзен транспорт на нуклеарен отпад

Германија започна серија транспорти на нуклеарен отпад во својата најнаселена сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, изјави портпарол на покраинското Министерство за внатрешни работи за агенцијата ДПА. Првиот конвој, кој превезуваше контејнер од типот „Кастор“, доцна вчера тргна од поранешниот истражувачки реактор во западниот град Јилих и рано утрово пристигна во привременото складиште во Ахаус, околу четири часа по поаѓањето, јави репортер на ДПА. Транспортот, обезбедуван со силно полициско присуство, е прв од вкупно 152 планирани превози на радиоактивен отпад. За операцијата беа ангажирани околу 2.400 полицајци. Властите одбија однапред да ја објават точната рута на патувањето долго околу 170 километри. Според полицијата, транспортот се одвивал целосно според планот и бил дури нешто побрз од предвиденото. Портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави дека конвојот броел околу 100 возила, а во операцијата бил вклучен и хеликоптер. Вкупно околу 300.000 сферични горивни елементи од затворениот реактор во Јилих треба постепено да бидат пренесени, што ја прави оваа операција една од најголемите за патен транспорт на нуклеарен отпад во Германија во последните децении. Превозите следуваат по серија судски одлуки, вклучително и пресудата на Вишиот управен суд од март, со која се дозволува нивно спроведување. Еколошката организација БУНД се обиде да ги блокира транспортите, повикувајќи се на безбедносни ризици. Федералната канцеларија за безбедност при управување со нуклеарен отпад го одобри планот во август. На располагање се четири специјализирани возила, од кои секое е способно да носи по еден контејнер. Отпадот се чуваше во привремено складиште во Јилих откако оперативната дозвола истече во 2013 година. Покраинските власти во 2014 година наредија негово отстранување поради загриженост за безбедноста при земјотреси. Планот се соочува со противење од локалното население и активистите во Ахаус, а долж трасата беа одржани неколку протести. Демонстрациите во Јилих, Ахаус и Дуизбург собраа од десетици до неколку стотици учесници, но не го попречија транспортот. Германија нема трајно складиште за безбедно чување радиоактивен отпад во период од стотици илјади години. Наместо тоа, постојат 16 привремени складишта, меѓу кои и она во Ахаус.

Go to News Site