Kurir
Првиот долгометражен македонски анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски ја освои наградата за најдобар анимиран филм на Фестивалот за научно-фантастични филмови во Мајами (MiSciFi). Се работи за еден од најзначајните жанровски фестивали во САД посветени на научната фантастика, фантазијата и хоророт. „Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, и освои 7 награди. Покрај кино-дистрибуцијата во Македонија, филмот беше прикажан и во кината во Бугарија и Унгарија. Од продукцијата најавуваат дека во наредниот период се очекува негова дистрибуција и во други земји. Цветановски изјави дека ова признание има посебно значење за екипата: „Многу сум радосен што во последниве години македонскиот филм бележи значајни успеси и се позиционира сè поцврсто на меѓународната сцена. Ова е наша прва награда во САД, а се надевам дека до крајот на фестивалската кариера на филмот ќе имаме уште убави новости за споделување.“ Арт директор на филмот е Михајло Димитриевски - Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Go to News Site