Kurir
Јавната општинска установа „Зафир Сајто“ денеска одбележува седумдесет години од постоењето. Установата е една од најзначајните во државата и пружа институционален облик за грижа на старите лица. Корисниците во Домот, поранешните вработени ја проследија манифестацијата во чест на јубилејот на која учествуваа и најмладите од основните училишта и од различни културноуметнички друштва. -Основан во 1956 година, домот „Зафир Сајто“ денес функционира како една од најзначајните установи од ваков тип во државата. Институцијата континуирано работи со максимален капацитет. Овој факт не е само показател за довербата во институцијата, туку и индикатор за поширок демографски и социјален тренд, стареење на населението и зголемена потреба од институционална грижа-изјави директорот на установата, Дејан Стојановски. Во последните години, според Стојановски, во установата се вложени значителни средства, за реконструкција на соби, модернизација на кујната, отворање нова амбуланта, физиотерапија и подобрување на надворешната инфраструктура. Домот располага со околу 175 сместувачки места, кои се постојано пополнети. Барањата, според надлежните, не доаѓаат само од Куманово, туку од целата држава. Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска го честиташе јубилејот и укажува дека миграцијата на младите и сè поголемиот број стари лица кои остануваат сами создаваат дополнителен притисок врз ваквите институции. -Во такви услови, домот не е само социјална услуга, туку неопходна инфраструктура. Општина Куманово преку различни програми и отворени повици апелира до здруженијата да понудат помош и поддршка за нашите стари сограѓани, преку проекти за набавка на лекови, намирници и слично-изјави Ѓорѓиевска. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски смета дека Домот е еден од најдобрите во државата, поради сè поголемата заинтересираност на старите лица за сместување во установата од секаде во државата. -Човекот природно тежнее кон заедница, но реалноста покажува дека многу стари лица остануваат сами. Во такви услови, домовите стануваат не само потреба, туку и последна сигурност-кажа Димитриевски. Тој додаде дека домот остварува покрај позитивните финансиски резултати што се должи на доброто менаџирање и ја издвојува установата. Објектот на Домот е со вкупна површина од над 3,3 илјади метри квадратни и дворна површина од над 6,5 метри квадратни.
Go to News Site