Тошковски: Жртвите на семејно насилство се охрабруваат да пријавуваат, треба да се донесе и Правилник за обуки на полициските службеници
Kurir

Тошковски: Жртвите на семејно насилство се охрабруваат да пријавуваат, треба да се донесе и Правилник за обуки на полициските службеници

За семејното насилство треба да се дискутира, но лошо е што на оваа важна тема и давате политичка димeнзија и што ги посочувате случаите и зборите за жртвите во изминатата година и пол, истакна денеска од говорницата на македонското Собрание, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој денеска одговараше на прашање поставено од пратеничката Сања Лукаревска за последните случаи на семејно насилство. Министерот Тошковски рече дека што жртвите на семејно насилство се охрабруваат и ако до пред година ипол имало само по еден случај на територијата на СВР-Скопје, сега се регистрираат дневно по два-три случаи на семејно насилство. Посочи дека сега треба да се подобри системот во делот на заштитата на жртвите на семејно насилство. Законот за заштита на жртвите од семејно насилство е донесен пред шест години. - Проблемот е што оттогаш до сега, шест години законот има одредби кои се во колизија со други, што не овозможуваат Министерството за внатрешни работи да е ефикасно така како што треба, што не овозможуваат судот да спроведе една постапка, која што ќе му биде потврдена од страна на Апелација, односно Апелација ги враќа предметите назад до Основниот суд, поради тоа што Основниот суд дополнително не ја виктамизирал жртвата, па да ја повика на главна расправа. Таа морала да биде присутна согласно одредбите на законот за парнична постапка, што именувавте итн. Кога се влегува во системско решение на проблеми тоа не треба да биде една шведска маса, па од овде да си одбереме да земеме морковче, ваму да каснеме мевце. Треба целосно да го решиме проблемот. Вие, за жал, не сте го решиле, јас би бил многу среќен да сте го решиле проблемот, речеТошковски. Тој посочи дека од 2021 година до денес не е донесен Правилник за обуки на полициските службеници, кој требало да биде донесен согласно Законот за семејно насилство. - Да, не е донесен година и пол во време на ВМРО - ДПМНЕ и четири и пол во време на СДСМ, ама јас не велам дека не е донесен само во четири и пол години во време на СДСМ. Дали ја гледате разликата, го констатираме проблемот, ќе постапиме максимум во рамки на наши надлежности и максимум во наша енергија, за да ги намалиме ваквите случаи. Семејно насилство имало, има и ќе има. Ниту јас, ниту кој било друг не може да преземе обврска дека ќе го реши насилството во Македонија - рече Тошковски. Тој подвлече дека МВР и останатите државни институции треба да направат се за да ги минимизираат случаите на семејно насилство и државата да се изгради со капацитети, кои ќе можат да одговарат при случаи на семејно насилство.  (МИА)

Go to News Site