„Мост што звучи“ – нова поетска книга од Санде Стојчевски
Kurir

„Мост што звучи“ – нова поетска книга од Санде Стојчевски

Во издание на Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје, деновиве излезе од печат нова стихозбирка од еминентниот македонски поет Санде Стојчевски, под наслов „Мост што звучи“. Стихозбирката е објавена во рамките на едицијата „Современа македонска поезија“ и содржи 90 песни, во четири циклуси: „Гласови“, „Одгласи“, „Кругови“ и „Самодива“. Објавен е и обемен арс-поетички есеј од Санде Стојчевски, под наслов „Зрачењето и значењето на зборот“. Во рецензијата за книгата „Мост што звучи“, Епископ дремвитски Давид (Нинов), меѓу другото, пишува: „Во поезијата на Санде Стојчевски се појавуваат мноштво мостови, кои се скоро непристапни, но истовремено, кога ќе се зачекори по нив, се спасителни. Преку нив Стојчевски ја остварува можноста за целовитост. „Случајната шара од мастило / што од стемнетиот облак се цеди“ е хоризонтот, кој открива нови предели на човековата егзистенција, кои ја надминуваат неговата вкалапена логика. Аскетската потрага по вистинскиот размер на човековото битие го вперува прстот кон Санде Стојчевски како поет на дејствието, поет кој е во постојана акција да го најде знакот на испреплетувањето на световите, а доколку не го најде, тогаш самиот да го создаде. Затоа, поезијата на Санде Стојчевски е исполнета со светоста на изненадувањето. Мостот озвучува дека поезијата на Санде Стојчевски претставува врвно достигнување на нашата модерна мисла, и не само нашата. Стојчевски коренито го преобразува јазикот и отвора комплетно нов хоризонт за смислата и улогата на поетот“. Санде Стојчевски (1948) пишува поезија, литературна критика и есеи, преведува од руски и од јужнословенските јазици. Работел како новинар и уредник во „Македонското радио“; уредник, гла¬вен и одговорен уредник, директор и главен уредник на кни¬гоиздателството „Македонска книга“ од Скопје; а потоа во НУБ „Св. Климент Ох¬ридски“ во Скопје. Бил уредник во книгоиздателството „Мисла“ од Скопје; уредник и главен уред¬ник на списанието „Стремеж“ од Прилеп; уредник во книжев¬на¬та ре¬ви¬ја „Акт“; и во гласилото „Reviеw“ на Македонскиот ПЕН-центар. Бил претседател на Советот и на Управниот одбор на балканската манифестација „Рацинови средби“; во два мандата бил член на Управниот одбор на Македонскиот ПЕН-центар; во еден мандат член во Управниот одбор на Друштвото на писатели на Македонија; член е на Сојузот на литературните пре¬ве¬дувачи на РМ; почесен член на Сојузот на бугарските писатели; и член на Славјанската литературна и уметничка академијата во Варна, Република Бугарија. Бил главен уредник на проектот на Владата на Република Македонија Македонска книжевност во 130 тома и на едицијата Нобеловци; член на редакцијата за превод на Македонска книжевност во 130 тома на англиски јазик, како и на избори од истата едиција на арапски, германски, кинески, руски, француски и шпански јазик, финансирани од Министерството за култура. Автор е на стихозбирките: Кралот на лебедите (1972), Фенери низ маглата (1977), Златна гранка (1980), Вечерна (1985), Абор гора (1987), Лов на блесок (1990), Залив пред јасното (1990), Есен во вселената (1991), Кубоа (1993), Кралицата од корицата (1994), Скалд (1995), Врв (1996), (З)аум (поема, 1999), Трмка (2000), Сипкава преѓа е свет (2003), Узда од ѕвезда (2009), Јаз во јазикот (2012), Болката на јаболкото (лирско-поетичка книга, 2019), Великата лирска песна (2021), Нè чека пат (2023), Болката на јаболкото (лирско-поетичка книга, дополнето издание, 2024.) Автор е на уште триесетина книги со критики, есеи, полемики и интервјуа. Неговата пезија е влезена во сите антологии на современата македонска поезија во земјата и во светот. Избори од поетското творештво на Санде Стојчевски во посебни книги се објавени на петнаесет јазици. Добитник е на следните награди и признанија: „Кочо Рацин“ (за книга поезија, 1972) „Григор Пр¬личев“ (за поема, 1998) „Димитар Митрев“ (за критика и есеј, 1999) „Браќа Миладиновци“ (за поезија, 2001) Меѓународна награда за поезија Сребрено летачко перо (Варна, 2009) „Св. Климент Охридски“ (државна награда за животно дело, 2010) Почесна грамота за придонес во развивањето и популаризирањето на бугарската култура од Министерството за култура на Република Бугарија (2010) „Арка“ (меѓународна награда за најдобра книга од странски автор на книгоиздателството „Арка“ за поемата (З)аум, Смедерево, 2011) „Книжевен жезол“ (награда на Друштвото на писателите на Македонија за 2012 година) „Јован Котески“ (награда за книга поезија, 2012) Орден „Мајаковски“ (на Сојузот на руските писатели, Москва, 2012) Награда „Големата мајка“ (Скопје, 2012) Grand prix international (за севкупно творештво, Куртеа де Арџеш, 2021) „Ацо Шопов“ (за поезија, 2021) и други.

Go to News Site