Kurir
Ризиците и опасностите со кои се соочуваат државите и општествата кога е во прашање сајбер-безбедноста е тема на дискусија во рамки на 5. Интерпарламентарен форум на делегации од државите од Југоистична Европа во Парламентарното собрание на ОБСЕ што од денеска се одржува во Охрид. Иако Македонија како држава засега не е на директна линија на меѓународни сајбер-напади, сепак мора да гради свои механизми за заштита од ризиците што отворено постојат и што веќе искуствено се манифестираат во државите од соседството. - Сериозни држави размислуваат чекор напред како држава мора да сме подготвени да ги превенираме евентуалните такви случаи. Ова е додадена врадност на се она што го правиме и досега во одбрана и заштита од сајбер-напади, рече претседателот на Собранието Африм Гаши кој се обрати пред учесниците. Тој нагласи дека основната идеја на ваквите форуми е да како заеднички да се креира колективна безбедност од сајбер-нападите и обезбеди квалитетна одбрана во таа област, како преку меѓународните организаци како на пример ОБСЕ, така и преку засилена регионална соработка. Тој посочи дека Македонија мошне добро стои кога се во прашање конкретни малициозни активности или некакви реални закани по безбедноста од сајбер-напади, дека засега апсолутно нема никави сознанија дека некои од државните институции се мета на напади, но, како што рече „тоа може да се смени“ оттаму и потребата од засилени активности за превенција, заштита и одбрана од дигитални напади. - Оваа тема сметаме дека е предизвикувачка, дотолку повеќе знаејќи ги последните случувања на Блискиот Исток. Можеме да се одбраниме од заканите само доколку работиме заеднички и ги осознаеме ризиците. Собранието како институција има донесено стратегија за целосна дигитализација до 2028 година. Работиме фокусирано, со капацитети што ги имаме, но и преку меѓународните организации. Токму ваквите собири сме убедени дека ќе помогнат во доусовршување на алатките, процесите, механизмите за одбрана од секакви, па и сајбер-напади, рече Гаши. Проф. д-р Методи Хаџи Јанев, специјалист за дигитализација и сајбер-безбедност, од своја страна истакна дека опасностите од сабјер-напади никогаш не престануваат, затоа што самите актери кои претставуват закана се од различни профили и доаѓаат со различни мотиви. Тој посочи дека тоа можат да бидат обични криминалци, можат да бидат прокси-актери што работат за друга држава или пак актери најмени да завршат одредена активност. Со оглед на тоа што сајбер-криминалот претставува закана и за јавната, но и по националната безбедност, тоа, како што рече, значи дека никој не е сосема безбеден или пак не се соочува со ризик. - Со навлегувањето на дигитализацијата во сите сфери на општеството, постои конвергенција на два света – физичкиот и виртуелниот односно дигиталниот, што не се сосема ускладени, оставајќи празнини кои разни малициозни актери сакаат да ги пополнат во свој интерес и насока, рече Хаџи Јанев. Коментирајќи ја актуелната светска ситуација од аспект на случувањата на Блискиот Исток, Хаџи Јанев смета дека Македонија засега не е на директна линија на напади на иренските хакери. - Но, во услови на забрзана дигитализација која носи многу позитивни апсекти, мора да бидеме максимално внимателни и претпазливи. Сајбер-безбедноста претставува сериозен столб на целата дигитализациска резистентност, рече тој. Моника Зајкова, шеф на Делегацијата на Северна Македонија во ПС на ОБСЕ, од своја страна посочи дека Форумот во Охрид се одржува во значаен момент, со оглед засилените сајбер-закани насочени кон регионот. Зајкова истакна дека сајбер-нападите се реално нов предизвик пред светот. Целта на овој собир во Охрид, како што рече, е да се разменат искуства идеи, во делот како да се подобрат капацитетите што би одговориле на сајбер и хибридните напади. - Ризик секогаш постои. Никој не смее да мисли дека е целосно безбеден, особено кога се работи за напади кои доаѓаат на поинаков, некласичен начин. Тука ќе биде потпишана декларација на државите од ЈИЕ за тоа како заеднички би постапувале доколку дојде до такви напади. Јас лично ќе побарам од сите делегации на ратификација во националните парламенти на Конвенцијата на ОН што се однесува токму на ова прашање, рече таа. На конференцијата во Охрид беше посочено дека во секоја од државите има институции што лесно можеле да бидат мета, и оттаму потребата постојано да се работи и унпаредуваат начините и методите за справување со сајбер – хибридните напади. Екпертите во Охрид ќе дебатираат, ќе ги изложат своите ставови, ќе дадат своја експертиза, се во насока на поглема резистентност кон современите предизвици пред кои се исправени државите од ЈИЕ,како и изнајдување начини за засилена колективна безбедност.
Go to News Site