Kurir
На 26–27 март 2026 година во Братислава се одржа Првата седница на Мешовитата комисија за економска соработка меѓу Република Македонија и Словачката Република. Со седницата копретседаваа заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, и заменик министерот за економија на Словачката Република, Владимир Шимоњак. Во своето обраќање, Димитровски нагласи дека Владата и Министерството се фокусирани на отворање нови пазари и создавање можности за инвестиции, особено во енергетиката, индустријата и поддршката на иновации и технолошки развој. Двете страни се согласија дека има простор за поголема трговска размена и поконкретна соработка во енергетиката, земјоделството, туризмот, културата и транспортот. Беше истакната и важноста на приватниот сектор и директните бизнис контакти, како продолжение на Бизнис форумот одржан во Скопје во февруари 2026 година. Димитровски изрази благодарност за континуираната поддршка од Словачката Република за европската интеграција на земјата, нагласувајќи дека Македонија останува сигурен и посветен партнер во процесот. На маргините на седницата беше потпишан Протокол со кој се потврдува заедничката намера за натамошно продлабочување на економската соработка. Во состав на македонската делегација беа претставници од повеќе министерства и институции, меѓу кои и државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, како и државната секретарка во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, кои ги претставија приоритетите во своите области, со акцент на промоција на македонски производи и унапредување на културната и туристичката размена.
Go to News Site