Божиновска: Скопје расте – енергетскиот систем мора да го следи, нови инвестиции за стабилност и сигурна мрежа
Kurir

Божиновска: Скопје расте – енергетскиот систем мора да го следи, нови инвестиции за стабилност и сигурна мрежа

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска се обрати на свеченото отворање на новата 100/35 kV трафостаница „Централна“ во Скопје – инвестиција на ЕВН, на настан на кој, покрај раководството на компанијата, присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, како и претставници од енергетскиот сектор, институции и компании. Во своето обраќање, министерката ја истакна улогата на стратешките инвестиции во јакнењето на стабилноста и сигурноста на енергетскиот систем, потенцирајќи дека ваквите проекти се од суштинско значење за одржливиот развој на државата. „ Скопје се развива динамично, а со тоа расте и потребата од модерна, отпорна и стабилна енергетска мрежа. Постоечките трафостаници во овој дел од градот се изградени пред повеќе од четири децении и одамна го надминуваат капацитетот за кој биле проектирани. Ваквите инвестиции се директен одговор на растечките потреби на граѓаните и економијата. Оваа трафостаница е поставена токму таму каде што најмногу беше потребна – во зона со интензивен урбан развој, нови потрошувачи и мрежа која веќе го достигнуваше својот максимум. „Централна“е решение кое го надминува тесното грло во системот и создава простор за понатамошен урбан развој, но пред сè – за сигурност и стабилност во секојдневниот живот на граѓаните.“, нагласи Божиновска. Таа посочи дека Министерството има јасна визија и поставени приоритети насочени кон модернизација на енергетската инфраструктура и создавање систем кој ќе може да одговори на современите предизвици. „Министерството за енергетика останува силно посветено на модернизација на критичната инфраструктура, јакнење на сигурноста на снабдувањето и изградба на отпорен енергетски систем кој ќе ги следи новите технологии и динамиката на урбаниот развој“, истакна таа. Министерката подвлече дека енергетскиот сектор бара координиран пристап и партнерство меѓу државата, компаниите и стручната јавност. „Денешниот настан е доказ дека резултатите доаѓаат кога постои силна соработка. Само преку заеднички ангажман можеме да обезбедиме долгорочна енергетска стабилност и сигурност за граѓаните“, рече Божиновска. Во контекст на развојот на Скопје, таа потенцираше дека вложувањата во енергетската мрежа се предуслов за понатамошен економски и урбан раст. „Создаваме систем кој не само што ги задоволува денешните потреби, туку отвора простор за идниот развој – посовремен, поотпорен и поефикасен енергетски систем за сите граѓани“, додаде министерката. Новата трафостаница претставува значајна инвестиција во вредност од 22 милиони евра и е дел од пошироките напори за зајакнување на електроенергетската инфраструктура, со што се овозможува стабилно снабдување во централното градско подрачје и поддршка на понатамошниот развој на главниот град. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува фокусирано на политики и проекти кои обезбедуваат сигурен, модерен и одржлив енергетски систем, во интерес на граѓаните и економијата.

Go to News Site