Collector
Giriş Yap
Експерти: Обдукцијата покажа дека угинатиот кит Тими бил женка, причината за смртта сè уште не е позната | Collector
Експерти: Обдукцијата покажа дека угинатиот кит Тими бил женка, причината за смртта сè уште не е позната

Експерти: Обдукцијата покажа дека угинатиот кит Тими бил женка, причината за смртта сè уште не е позната

Обдукцијата спроведена на данскиот остров Анхолт покажа дека угинатиот грбав кит, кој во јавноста беше познат како Тими, всушност бил женка. Испитувањето на телото сè уште е во тек, а причината за смртта на животното засега останува нејасна, соопштија денеска данските власти. Тимот експерти кој ја изврши обдукцијата открил грло на матка кај китот, пренесе телевизијата „Њуз5“ (News5), која во живо го пренесуваше процесот. Експертите, чија примарна цел е да го утврдат точното време на смртта на китот, чие спасување со недели го привлекуваше вниманието на јавноста откако се насука во Германија, наведуваат дека одговорот на ова прашање може да биде тежок за пронаоѓање. - Сега можеби е веќе премногу доцна за да се открие внатрешно крвавење, на пример - изјави данскиот истражувач на китови, Петер Теглберг Мадсен. Според научниците, рибарските мрежи пронајдени во желудникот и во цревата исто така би можеле да бидат една од причините кои придонеле за смртта на животното. Телото на китот дополнително ќе биде дисецирано, по што неговите делови ќе бидат уништени. Угинатиот грбав кит беше пронајден во средината на мај во близина на споменатиот дански остров, а неговата судбина со недели преку медиумите ја следеа милиони луѓе откако претходно заглави во германските води. Тими угина откако беше пуштен од баржа во отворено море, а германските медиуми денеска ја доведуваат во прашање и оправданоста на начинот на кој беше спроведена целата акција за негово спасување. Локалните власти претходно во повеќе наврати неуспешно се обидуваа да го вратат китот од плиткото во отворено море, по што двајца приватни претприемачи го финансираа последниот обид за негово спасување. Овој чекор беше преземен и покрај сомнежите на дел од стручната јавност дека животното воопшто ќе го преживее транспортот. Експертите наведуваат дека Тими бил во исклучително лоша здравствена состојба уште додека бил насукан. Дел од нив тогаш сметаа дека китот намерно го избрал плиткото море како место каде што ќе угине во мир, додека други предлагаа воопшто да не се дислоцира за да му се овозможи да угине таму без дополнителен стрес.

Go to News Site