Collector
Giriş Yap
Наука или мит: Може ли со смеата или позитивни мисли да се победи неизлечива болест | Collector
Наука или мит: Може ли со смеата или позитивни мисли да се победи неизлечива болест

Наука или мит: Може ли со смеата или позитивни мисли да се победи неизлечива болест

На интернет веќе извесен период кружи тврдење дека израелски истражувачи зеле капка крв, ја ставале во друга просторија и наводно докажале дека крвта реагирала на емоциите на сопственикот во реално време. Тврдењето се шири без наведено име на научник, институт, списание... Изворот на ова „виртуелно сензационално откритие“ се поврзува со американската организација HeartMath и клеточниот биолог Глен Рајн. Имено, во раните 90-ти (според „Википедија“) Рајн тестирал неколку пациенти барајќи од нив да држат епрувети со ДНК додека се обидуваат да создадат лековита средина и добил некои позитивни индикатори дека конформациската состојба на ДНК се менувала. Со текот на годините таа скромна студија се трансформирала на интернет со детали што не постојат во оригиналните трудови. Студиите на HeartMath биле објавени во изданието на институтот, но не и во независни рецензирани медицински журнали. Всушност, ниедна независна лабораторија изгледа дека не ги објавила или коментирала резултатите. (Подоцна, пак, ове записи на Рајн се трансформирале во поголема теорија на интернет, со детали што не постојат во оригиналните трудови.) Накусо, според биолозите и нивните досегашни сознанија, кога клетките се одвоени од организмот, тие не се поврзани со неговиот нервен систем и не примаат хормонски сигнали. Односно, дека нема познат биолошки механизам преку кој одвоена крв би „знаела“ што чувствува донорот. Она што науката сепак го потврдува е дека акутниот стрес може привремено да ја засили активноста на неутрофилите (белите крвни зрнца), кои се првата линија на одбрана на телото, т.е. дека хроничниот стрес резултира со имуносупресија и зголемена ранливост кон инфекции и воспалителни болести. Впрочем, една голема анализа на 293 студии (објавена од страна на главната американска државна институција за медицински истражувања, НИХ), истражувани меѓу 1960 и 2001 година, утврдила три работи: краткорочниот стрес го зајакнува имунолошкиот систем; хроничниот стрес го оштетува; а имунитетот на постарите и веќе болните е поподложен на стрес индуцирани промени. Што ќе рече, хронично покачениот кортизол (предизвикан од долготраен стрес) ја намалува ефикасноста на одредени имунолошки клетки и ја зголемува подложноста на инфекции. А луѓето со повисоко ниво на позитивни емоции, како што покажуваат повеќе студии, имаат пониски нивоа на воспалителни маркери во крвта. Она што е интересно е дека конвенционалната медицина ги признава случаите на необјаснето закрепнување (поттикнати, пред сè, од психолошката состојба на пациентот), ги документира и анализира, но и потсетува дека поединечна приказна не е научен доказ, без оглед колку и да изгледа убедливо. Еден од најпознатите вакви примери е оној на Норман Казинс, американскиот новинар, кој во 1964 година се вратил од патување во Советскиот Сојуз со висока температура и силни болки. Постепено ја губел подвижноста на вратот, грбот и зглобовите. Лекарите тогаш му дијагностицирале тешко заболување на сврзното ткиво поврзано со анкилозирачки спондилитис (познат и како Бехтерева болест, што е хронично, прогресивно воспалително ревматско заболување, кое првенствено ги зафаќа зглобовите на 'рбетот и карлицата). „Ми беше кажано дека шансите за закрепнување се еден на петстотини", напишал Казинс во својата книга Anatomy of an illness as perceived by the patient, објавена 1979 година. Меѓутоа, Казинс не останал пасивен пациент. Заедно со својот лекар д-р Вилијам Хициг се преселил од болница во хотел и почнал необична програма, која вклучувала гледање комични филмови, искрено смеење, високи дози витамин Ц. „Открив дека десет минути вистинско смеење имаат аналгетски ефект“, запишал тој. Резултатот бил дека на Казинс состојба му се подобрила и живеал уште дваесетина години. Меѓутоа, некои ревматолози подоцна ја довеле во прашање дијагнозата. Тие се сомневале дека можно е да станувало збор за реактивен артритис, состојба која понекогаш природно се повлекува, без никаква интервенција. Случајот на Казинс (кој подоцна станал предавач на УКЛА, каде што продолжил да ја истражува врската меѓу психолошката состојба и здравјето) денес не се смета за научен доказ дека смеата лекува тешки болести, но тој останува регистриран пример за можната улога на психолошките фактори во закрепнувањето. Она што е најважно е дека неговата книга директно придонела за развојот на психоневроимунологијата, научна дисциплина што ги проучува врските меѓу мозокот, нервниот систем и имунитетот. И инспирирала многумина лекари да се посветат на овој сегмент од медицината. Па, така, во 1993 година истражувачите Брендан О'Реган (ирски научник) и Карил Хиршберг (американска биохемичарка) собрале повеќе од 3.500 медицински референции од над 800 стручни списанија (на дваесет јазици), документирани случаи на спонтана ремисија, делумно или целосно повлекување болест, без целосно објаснување. Д-р Џефри Редигер (психијатар и предавач на Харвардскиот медицински факултет), пак, повеќе од петнаесет години ги проучувал ваквите случаи. „Постојат луѓе што не требало да преживеат според сите медицински очекувања, а сепак преживеале. Прашањето е што можеме да научиме од нив“, пишува Редигер во својата книга Cured. (Во ова издание спомнати се случаи, како на извесна Клер, пациентка со агресивен рак на панкреасот, на која лекарите ѝ дале само неколку недели живот, и Мет, 23-годишник, со мозочен тумор и два проценти шанса за преживување. И двајцата одбиле хемотерапија. И двајцата биле живи над десет години подоцна.) Сепак, Редигер не објавил клиничко истражување, кое докажува дека позитивното размислување лекува рак, туку неговата книга е анализа на случаи и фактори, кои можеби придонеле за неочекувано закрепнување. Лекарите, во недостиг на логично објаснување и докази, со резерва гледаат на ваквите примери земајќи ги предвид можните погрешни дијагнози, природното влегување на болеста во ремисија, постоење биолошки фактори, кои сè уште не се идентификувани... Во контекст на ова е и теоријата за тоа дека водата има меморија. А ако човечкото тело е составено од 70 отсто вода, а водата реагира на добри или лоши зборови, тогаш сето ова добива своја смисла. Впрочем, еве како изгледа молекул на водата на која ѝ се искажани зборови на љубов или на која ѝ е пуштена музика од, на пример, Моцарт. Како и да е, разликата меѓу науката и митот, велат научниците, не е во тоа дали приказната е инспиративна, туку дали таа може да се провери, потврди и стане дел од медицинските протоколи. Како и тоа дека науката не ги отфрла необичните случаи, но и дека не ги прифаќа како доказ сè додека не може целосно да ги објасни

Go to News Site